Натали, големата љубов на Влатко Илиевски: Знаевме дека немаме иднина!

by fokus

Замина најубавото момче од естрада, најпрекрасните светли очи – беше честиот коментар на социјалните мрежи, посветен на поп и рок, пејачот Влатко Илиевски (33), по неговата ненадејна смрт на почетокот на месецов. Уште од кога се појави на сцената, како вокалист на групата „Морал“ тој стана миленик на девојките и го доби епитетот за најпосакувано момче на нашата музичка сцена. Сепак, и покрај тоа што девојките буквално го облетуваа, неговиот љубовен живот постојано како да беше во сенка. Го поврзуваа со негови колешки, со водителки, модели…

Илиевски не беше личност која ќе ги демантираше медиумите или пак ќе влезеше во конфликт поради објавени шпекулации. Оставаше народот да одбере во која вистина ќе верува и во повеќето случаеви се испоставуваше дека сепак, се било само борба за читаност, маркетинг…

Но летото во 2014 година, на изненадување на оние кои што добро го познаваа, Влатко заблеска во едно ново, поинакво светло и за првпат гордо во јавност ја покажа девојката која што го освои. Следуваа заеднички романтични фотографии на неговиот Фејсбук профил, изјави за медиуми во кои што вели дека е пресреќен и ја нашол девојката која ги има сите карактеристики кои тој сака да ги поседува неговата партнерка, заедничко појавување на музичкиот фестивал „Макфест 2014’“

Натали Башоски беше таа, девојката која се најде во центарот на вниманието тој период, а медиумите пишуваа детали за нивната љубов.

Родена во Холандија, од татко македонец и мајка холанѓанка, на седум годишна возраст се преселила во Македонија, каде останала да живее се додека не заминала на факултет во Њујорк.

Дека љубовта со Натали, која е фотограф, остави траг во животот на Влатко, кажува и песната „Коса плава луда глава“ која пејачот ја отпеа набргу откако ја прекинаа врската, а за која се коментираше дека е за Натали.

-Беше април или март
кој ќе памти веќе,
таа ми застана на пат
убава ко цвеќе.
И нема помош тука
срце силно кога чука,
коса плава и луда глава
опасна е комбинација – се дел од стиховите на песната.

Натали денес живее во Америка, каде што студира филмска режија. Се согласи за „Фокус“ да ја раскаже љубовната приказна со Влатко, и тврди дека од него научила многу за животот.

-Наша заедничка песна беше „Your latest trick“ од бендот „Dire straits“, но, да, песната „Коса плава луда глава“ беше за мене, без сомнеж, и целосно ни ја раскажа ситуацијата, посебно каде на крајот пее дека заминав и не се враќам. Тоа се однесува на тој период кога заминав да студирам во Њујорк. По потекло сум од Холандија, мајка ми е холанѓанка, а татко ми македонец, но живеев во Охрид кога се запознавме. Многу медиуми тогаш објавија дека живеам во Холандија, што не беше точно. Ние се запознавме на пролет, како што пее и во песната, а на крајот на август заминав на студии. Тешко му беше него, токму кога се вљубивме дознав дека ме примија на факултет во Њујорк. Но, иако му беше тешко, тој сепак ги поддржуваше во моите соништа да студирам во Америка.

Кога заминав послабо комунициравме. И јас бев свесна дека тој си има свој живот и кариера, и знаев дека ќе има и други личности во неговиот живот. Бев толку далеку, и не сакав да му се испречам во љубовниот живот. Кога се враќав од Америка, за време на одморите, бевме во контакт, имавме убава конекција, но знаевме дека немаме иднина – раскажува Натали.

Таа додава дека времето поминато со Влатко секогаш ќе го памети како еден убав спомен. Знаела дека тој има проблеми, но сепак му се восхитувала за трудот кој го вложувал во секој сегмент од неговиот живот.

-Мене ми беше многу мило што се запознавме и што поминавме многу убаво време заедно. Беше прекрасно искуство и научив многу, за животот, за славата и како да се функционира во тој свет.  Тешко е, но тој веќе цел живот се справуваше со тоа и знаеше точно како. Но, си имаше свои проблеми. Не можеше да избега од нив и секојдневно се справуваше со нив. И знаеше многу добро да го скрие тоа.
Му се восхитувам за трудот кој го вложуваше во се, се што сакаше да биде, проба да е. Работеше многу и ги сакаше луѓето околу себе – се сеќава Башоски.

Вели дека кога ја слушнала веста за неговата смрт, не можела да поверува дека човекот со кого поминала прекрасни моменти повеќе го нема.

– Кога слушнав дека починал не ми се веруваше. Тоа, дека тој не постои повеќе, многу ме збуни. Се надевам дека е на некое подобро место, дека го најде својот мир.
Фантазираше дека ќе биде рок ѕвезда на стари години, дека никогаш нема да прекине со рок музиката. Многу жалам, но таков е животот. Мило ми е што го знаев толку лично и што поминав прекрасни моменти со него – ни раскажа Натали.

Вики Клинчарова

Поврзани новости