Наставници од основните училишта ќе може да напредуваат во „ментори“ и да земаат поголеми плати

by fokus

Со почетокот на календарската 2021 година првпат во Северна Македонија започнува и имплементацијата на законска одредба наменета за наставниците за кариерен напредок во звања – „ментор“ и „советник“, што подразбира и стекнување на дополнителен паричен надомест, како дел од личниот доход од работниот ангажман, соопшти Министерството за образование и наука.

Се работи за право кое произлегува од новиот Закон за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, креиран како дел од Планот за темелна реформа на националниот образовен систем и има за цел да влијае на личната мотивација на наставниците за работа и да придонесе за подигнување на дигнитетот и општествената важност на просветителската дејност, стои во соопштението.

Повикот предвидува конкретни квоти за секоја општина, односно колку најмногу наставници во текот на оваа календарска година можат да напредуваат во соодветното звање.

За да се пријави еден наставник на повикот, потребно е да исполнува неколку услови, односно да има најмалку 7 години работно искуство како наставник, да е вработен на неопределено работно време и да ги исполнува професионалните стандарди за наставник – ментор.

 

Поврзани новости