Министерката за образование Рената Дескоска најави повеќе реформи во основното, средното и високото образование и потенцираше дека секоја реформа ќе се прави со учество на засегнатите страни, односно дека во процесот на носење политики мора да бидат вклучени оние кои лично ги чувствуваат проблемите – практичарите.
Претставниците на Наставничкиот пленум искажаа благодарност за укинувањето на екстерното тестирање и дополнија дека административните обврски – годишните и тематските планови, им претставуваат непотребен административен товар.
Дескоска изјави дека е подготвена за намалување на административните обврски на наставниците за да можат повеќе време да посветат на наставните содржини, планови и програми, а во насока на подигнување на квалитетот на образованието.
Наставниците побараа повторно да се испланира фондот на часови во одделенската настава, затоа што сметаат дека учениците се премногу оптоварени за својата возраст и ја нагласија оптовареноста како една од клучните причини за нискиот успех на учениците.