Наскоро обвинетите од СЈО ќе седнат на обвинителна клупа

by fokus

Откако денеска Специјалното јавно обвинителство поднесе два обвинителни предлога до Кривичниот суд, за предмети кои произлегоа од прислушуваните материјали, набрзо се очекува обвинетите да седнат на обвинителна клупа.

Од Основниот суд Скопје 1 информираат дека откако обвинителните предлози ќе пристигнат, преку електронскиот систем за распределба на предмети ќе бидат распределени кај одреден судија, бидејќи станува збор за предмети за кои е скратена постапката.

„Откако ќе го разгледа обвинението и доказниот материјал, судијата закажува главна расправа. Судијата треба да ги достави обвинението и поканите за судењето до странките во постапката“, велат од Судот.

Двата предмети се работени по скратена постапка бидејќи Обвинителството имало доволно докази за да изготви обвинителни предлози и да ги достави до Кривичниот суд.

Едниот предмет се однесува на уништувањето на документи за да се прикрие незаконското прислушување, а вториот предмет се однесува на протестите пред Општина Центар од 2013 година. Во првиот предмет опфатени се 7 лица кои се осомничени за кривичното дело фалсификување на службена исправа, а во вториот предмет опфатени се 14 лица кои се осомничени за кривичното дело насилство, меѓу кои јавноста ги препозна и екс премиерот Никола Груевски и екс министерот Миле Јанакиески.

 

 

Поврзани новости