Нашите девојки покажаа дека нема место за предрасуди во кик боксот: Висок пласман на Јанева и Темелкова во Хрватска!

by fokus

За време на викендот во Хрватска се одржа меѓународниот Кик Бокс турнир „Карловац Опен 2020“. Од истиот, наши кик боксери се вратија со престижни награди и титули. Над 2.200 учесници од околу 40 земји учествувале на настанот кој е еден од најреномираните во Хрватска и регионот. Исто така, од Кик Бокс клубот Гладијатор од Неготино,под покровителство на Адора младите Марија Јанева(19) и Јадранка Темелкова (14) се вратија со висок пласман од турнирот. Јанева во Кик лајт до 65 килограми го освои второто место,а пак Темелкова во Кик лајт до 50 килограми го освои исто така второто место.

Девојките одлично се покажале во своите дисциплини и уште еднаш ги срушија предрасудите дека кик боксот е машки спорт. Темелкова уште на свои 13 години стана државен првак, за краток период откако започнала со редовни тренинзи, а искусни спортисти и предвидуваат големи успеси поради нејзината упорност и посветеност. Јанева, веќе неколку години наназад е позната по своите достигнувања во кик боксот.

За ,,Фокус” Марија Јанева раскажува дека уште како дете, кога го гледала шампионот Димитар Ѓорѓиев за време на натпревари, кој како и таа, е по потекло од Неготино, буквално се навлекла на овој спорт. Уште пред десет години го имала својот прв тренинг, но тогаш, предрасудите си го направиле своето.

-Кога го гледав Димитар како стана светски шампион, јас се воодушевив од овој спорт. Имав голема желба да ги следам неговите стапки, но веднаш по првиот тренинг на мои девет години, предрасудите и притисокот од околината си го направија своето. Имаше многу критики, постојано ми се кажуваше дека ова е машки спорт, школските другарчиња од одделението ме исмејуваа, па јас, на таа возраст, поради да речеме, детската несигурност предизвикана од тие коментари, решив да се повлечам. Но, кога и по неколку години, сфатив дека желбата да успеам во кик боксот уште е во мене, јас решив дека ќе се слушам самата себе, ќе го правам она за кое што сметам дека сум предодредена и кое што ме исполнува. Продолжив со тренинзите не свртувајќи се на критиките, и знаев дека ова е мојот спорт. Денес, можам слободно да кажам дека не погрешив во својата одлука. Дефинитивно, ова не е само машки спорт, многу девојчиња веќе го докажаа тоа и постигнуваат одлични резултати во кик боксот – раскажува Јанева.

Лани таа ја освои Осмоноемвриската награда за постигнати резултати во спортот која што ја доделува Општина Неготино. Исто така, веќе пет пати беше државен првак, четири пати државен вице првак и балкански вице првак. Од сите балкански купови се враќа со награди и горда е што го следела својот сон.

-Не дозволив предрасудите да ме поколебаат, моја препорака до сите е да веруваат во себе и својот сон, секој од нас е предодреден за нешто, само треба да се истрае до крај и да се оди напред. Без многу свртувања по оние кои што се обидуваат да не поколебаат и одвратат од нашата визија, за исполнет живот треба да си го слушаме внатрешниот глас, а не околината. Тој речиси никогаш не лаже – вели Марија, на која што денес дури и оние кои што биле најголеми скептици за време на нејзините почетоци, и честитаат на успесите.

Во пет дисциплини: К1, Лоу кик, Фул контакт, Кик лајт и Лајт контакт, на турнирот во Хрватска и КБК Работнички Адора се претстави со осум натпреварувачи, од кои шест имале исклучително успешен настап. Марко Тодоров – Постари кадети, Кик лајт, 42 килограми, освоил Златен медал, со победа против Израел. Огнен Николовски – Постари кадети, Кик лајт, +47кг – Бронзен медал, со победа против Хрватска, а пораз од Италија во полуфинале. Ѓуро Томшиќ – Постари кадети, Кик лајт, -47кг, 5-то место. Александар Георгиевки – Јуниор, Кик лајт, -74кг – Бронзен медал, победа против Израел и пораз против Унгарија. Богдан Бетински – Сениори, Кик лајт,-74кг – Бронзен медал, победа против Израел, пораз против Бугарија во полуфинале и Петар Гишев – Сениори, Кик лајт, -63кг – Сребрен медал, победа против Пуерто Рико, победа против Италија и пораз во финале од Унгарија.

Тимот беше предводен од двајца тренери и македонски кик бокс репрезентативци, Димитар Ѓорѓиев (освојувач на турнирот во 2016 година, дисциплина Лоу Кик) и Ненад Манојловски (освојувач на турнирот во 2009 година, дисциплина Лоу Кик).

Вики Клинчарова

Поврзани новости