Нашиот лав

by fokus

Пишува: Петар Богојески

Агенда јасна. Техничка влада, нов закон за попис, прекин на разговори со Бугарија, поништување на Преспански договор… десетици јавни ветувања до македонскиот народ и останатите граѓани, како што ги нарекува Лавот. Со една реченица, не преговара со предавници и криминалци како Зоран Заев. Разни притисоци врз лавот, да преговара, да прифати компромис. Меѓународни, домашни, внатрепартиски. Ништо не поминува. Нашиот Лав кажа, маваат врз мене зашто не прифаќам да преговарам со мафијата и да се договарам со власта. Секоја чест Лаву наш. Демек собра 10.000 потписи, а ги пријави за 100.000… демек кажа и готово е, нема преговори, демек и на страшните Амери им кажа фуцк офф… власта е на колена.

Лавот рикна… мјаууууууу… мјауууууууу…. и си плукна во лице. Прифати разговори и преговори со предавници и мафијаши како Зоран Заев. Не само тоа, прифати и истиот тој Заев да остане премиер „до даље“. Ништо од техничката влада. Му заврши работа на Заев да го одложи пописот, кој и онака не можеше да се спроведе по дома, нема функционален софтвер за тоа, ама законот за кој собираше потписи нема да се менува. Ниту методологијата, што е посебно важно и суштинско. Никаде во Европа не се прави попис по ваква методологија. Ама Лавот наш ниту збор ниту мјауууу за тоа. Дополнително Лавот наш ќе преговарал со клетите фашисти, ќе го слушал газда Зоќи што ќе каже по този впроз. Преспански договор сега му се видел поубав, во ново пакување. Лани беше лош, ама кога менуваш амбалажа, веднаш е поинаку. Од црни очила, газда Зоќи му стави розеви на нашиот Лав. А таков розев Лав може да биде само маче, а не Лав.

Преку ноќ, од за мене познати причини, нашиот страшен Лав Христијан Мицкоски, стана розево маче. Ако кажеш дека не е во ред да се договорат македонските политичари, ќе лажеш. Во ред е! Така треба. Ама така треба во еден нормален процес. Секако не во процес која Лавот е фатен и снимен со спуштени гаќи, за веднаш да стане маче. Деновите ќе му врзат и ѕвонче на врат, за да биде вистинско маче. Каде ќе оди, да се слушне и да се знае. Да не забега мачето, па некој друг да му ги симне гаќите. Мачето е сега нежно, кревко, треба да се чува.

Добро е само што оној кај сакаше да види, виде што лав е тој пустиот Христијан Мицкоски. Виде дека е превара, едно големо празно ништо, дури и фасадата не му ја бива. Вие ем вмровчиња ем мангупчиња, нема потреба на сила да се правите будали, па и на вас да ви стават розеви наочари. Ако Кики ставил розево, не морате и вие. Кики стана розево маче со причина. На мака е пустиот. Но вие останете достоинствени, ако воопшто некогаш сте имале достоинство или ако воопшто знаете што значи тоа достоинство. Јас знам за едно време кога беше гордост да се наречеш вмровец. Кога беше гордост да се идентификуваш со Лав, а не со маче. Ние во тоа време не прифаќавме мачиња за лидери. Ние не им дозволувавме на тие од СДСМ да ни ставаат розеви наочари, нити ѕвонче на врат. Опаметете се додека имате време. Со мачево никаде нама да стигнете. Можно е и да ве кастрираат, вака облечени во розево. Оставете тоа клиентелизмот што ви го инсталираат во главите. Разбудете го Лавот во себе, доста бевте мачиња. На вмровец не му личи да биде маче. Ако воопшто знаете што е тоа ВМРО, секако ќе бидете Лавови. Ако сте банда клиентелистичка, најдобро е да си станете мачиња и да си терате со Кики.

Опозицијата е во длабока криза. Таа скоро и да не постои. Лавот испадна маче, Клисарот од демек Левица испадна измеќар на олигарсите, албанските опозиционери се подизведувачи на Али многу одамна… ние останатите расфрлани низ земјата без особено влијание и плукани од измеќарите на мачињата и розите… се на се, опозиција во земјава нема. НЕМА! Тоа значи дека Републиката е во опасност. Тоа значи дека републиканското / демократското уредување е суспендирано. Тоа е најдобар доказ дека денес живееме во хибриден режим. Маскиран како демократски, а во суштина автократски, контролиран од олигархија. Ние живееме во олигократија. Чаре?
Чарето е во нас. Во тие што гледаме јасно напред, без розеви наочари. Чарето е во итна ефикасна реорганизација на опозицијата, без розевото маче Христијан Мицкоски во неа. Тој нека вози со Зоќи, може и мотор по избор, ние треба да ги испратиме двајцата на заслужена пензија. Време е народе, време е!

Поврзани новости