Нашинците во Малта им оддадоа почит на младите жртви: Ви го даваме секој дел од нашата сила!

by Fokus

Голем број на наши иселеници кои живеат и работат во Малта, вчера им оддадоа почит на младите жртви во пожарот во Кочани.
Собирот се одржал на влезот во Валета каде стотина Македонци, но и луѓе од соседните земји запалиле свеќи, а пред насобраниот народ говорел свештеник од соседна Србија.

Пред поставените фотографии на жртвите се оставале плишени играчки и цвеќе, а потоа во воздухот биле пуштени црни балони, со пораката ,,Мирно небо, ангели наши”.

-До нашите пријатели и до сите кои се погодени, сакаме да знаете дека ние сме со вас! Ниту една далечина не може да ја промени врската помеѓу нас. Во овие моменти на болка, стоиме покрај вас, и ви ги даваме нашите срца, мисли, и секој дел од силата која ја имаме. Не сте сами, ние сме со вас, секогаш, истакнаа нашинците на една од бројните пораки со сочувство, поставена покрај запалените свеќи.

Во таканаречениот клуб Пулс во Кочани на 16-ти март загинаа 59 лица, главно на возраст од 14 до 25 години и ќе бидат погребани утре. Според последните информации, повредени се околу 200 млади лица.

Вики Клинчарова

Поврзани новости