Нашинци во Канада ќе бојкотираат театарска претстава оти организаторот бил поддржувач на Владата!

by Fokus

Македонски иселеници во Канада изминатиов период повикуваат на бојкот на театарската претстава ,,Партија реми” која треба да се игра во Торонто на 4-ти октомври, бидејќи, како што појаснуваат, организаторот Гоце Бурзевски бил поддржувач на Владата на премиерот Зоран Заев, учествувал во Шарената револуција и бил гостин на приемите на Талат Џафери и Џес Бејли.

Повикот за бојкот на театарската претстава прв го сподели Bobby Temelkov, претседател на Светски Македонски Конгрес Канада, и ги повика нашинците од Торонто и околните градови да го поддржат и да ја бојкотираат претставата, под образложение дека организаторот Бурзевски бил предавник.

-Дали на 4-ти октомври ќе ја поддржите претставата чијшто главен организатор е осведочениот поддржувач на Владата на Зоран Заев, активен учесник во Шарената Револуција, почесен гостин на приемите кај Талат Џафери и Џес Бејли, горд промотор на СЈО? Требаат ли уште повеќе докази? Вие сте на потег! За Македонија ли сте или за Северџанија?- пишува Bobby Temelkov на социјалните мрежи.

Во претставата ,,Партија реми” главната улога ја игра актерот Ѓокица Лукаревски, кој е татко на Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи. Таа исто така беше активист на Шарената револуција и држеше говори на многу протести, па дел од иселениците кои решиле да ја бојкотираат претставата, коментираат дека тоа е уште една причина за бојкот. Гоце Бурзевски и во минатото има организирано голем број на театарски претстави кои се одиграле пред наши иселеници во Канада. Пред пет години тој беше организатор на претставата ,,Стујардеси” на Театар Комедија, во театарот Meadowvale во Торонто.

Тогаш изјави дека салата била преполна, и се заблагодари на Министерството за култура кое финансиски го поддржало проектот, како и на актерката Јелена Жугиќ, која била иницијатор да се случи гостувањето во Канада. Пред две години во Торонто, во организација на Бурзевски беше изведена претставата ,,Без паника” која исто така имала голема посетеност од страна на нашите иселеници. Ова не е прв пат Bobby Temelkov да повика на бојкот на културни манифестации кои се одржуваат во Канада пред иселениците, или пак на бојкот на одредени уметници. Пред две години, кога се одржа прослава по повод поканата од НАТО, тој јавно порача дека пејачите кои настапиле на прославата не се добредојдени во Канада.

-Немој ни случајно некој од Канадските музички менаџери да помисли да донесе во Канада некој од овие групи или пејачи! Лично ќе се погрижам настапите да бидат бојкотирани од мнозинството на Македонската заедница во Канада – изјави тогаш Bobby Temelkov по повод тогашните настапи на музичари, кои се одржаа во 15 градови на државен трошок.

Вики Клинчарова

Поврзани новости