Најголемиот фудбалски спектакл во Македонија, УЕФА суперкупот, кој ќе се одигра на осми август на Арената Филип Втори, најверојатно ќе им донесе многу гости од странство и на хотелите и мотелите во провинција, бидејќи во Скопје, угостителите издиктираа енормно високи цени, кои ги оставија во неверување навивачите од Обединетото Кралство и Шпанија.
Имено, сместувањето во хотелите, мотелите, апартманите и останатите угостителски објекти на осми и деветти август во нашата метропола достигна до вртоглави суми од над 1.000 евра за едно ноќевање.
На страницата на Booking.com може да се видат дел од понудите од популарните скопски хотели, каде ноќевање се нуди по цена од 600 па се до 1.500евра. Дури и во гостинските куќи, регистрирани на сајтот цените се движат од 400 евра па нагоре.
Истите оние хотели, на пример со три ѕвезди, кои што за време на Суперкупот нудат ноќевање по цена од 850 евра, само неколку дена потоа истите соби ги нудат по цена од 55 евра.
Навивачи од странство, кои планирале да доаѓаат во Скопје за време на настанот, шокирани од прескапото сместување им се пожалиле на свои пријатели од Македонија. Посоветувани од нашинците, тие се решиле за сместување во внатрешноста, по цена од 25 евра за ноќевање, во хотел.
,,Имаме пријатели од Англија, кои се големи фанови на Манчестер Јунајтед. За две ноќевања во Скопје, треба да одвојат дури 3.000 евра за солиден хотел, а ако сакаат да поминат поскромно, тоа ќе ги чини околу 2.000 евра. Кога им кажавме да не избрзуваат со резервација, и да проверат цени во хотели во внатрешноста, кои се на околу 30 до 40 километри од Скопје, ни беа благодарни. Си најдоа хотел по цена од 1.500 денари за ноќевање со појадок, за двајца. Истиот им го препорачале и на други навивачи, советувајќи ги да не избрзуваат со плаќање илјадници евра. Хотелите можеби имаат право да си диктираат цени за време на вакви настани, но што е многу – многу е, и никој не заслужува вакво ,,стрижење’’ ‘’ – раскажуваат нашите соговорници.
Но и покрај високите цени, сепак во повеќето хотели, речиси и да нема останато слободни соби за време на Суперкупот. Слободни соби има во повеќе хотели во Велес, на само 42 километри од Скопје, по цени од 25 евра, па нагоре. Во Куманово, на 28 километри од Скопје, се нуди сместување по цени од 50 евра, па нагоре. Во Тетово, хотелското сместување чини од 40 евра, па нагоре, за ноќевање со појадок. Угостители од внатрешноста, со кои разговаравме, тврдат дека нема да ги зголемат цените, без оглед на тоа дали гости ќе им бидат странски навивачи.
Вики Клинчарова