Народ без вистинити вести е народ без темели на слободата

by Fokus

Премиерот Ковачевски си купи тост во Битола, објави еден портал. Сега знам каде може  добро да се вечера, изјави Премиерот. Еден друг портал не така одамна објави, Премиерот Груевски и Министерот Тодоров на бурек.Какви ексклузивни вести, какво сериозно и истражувачко новинарство.

Се почесто можат да се прочитаат вакви и слични вести кои служат само за да им се додвори на носителите на јавните функции, истите да се изрекламираат на еден смешен и ступиден начин и да се пополни празното место на порталот во недостаток на сериозни новинарски написи и коментари.

Наслови кои почнуваат со „нуклеарна бомба„, „неверојатна вест„ , „скандал во…..„ не содржат во текстот ништо од најавата во насловот, а читателот го оставаат збунет и во прашалници, што сакал авторот да каже. Дел од насловите и текстовите не само што немаат логика туку покажуваат и комплетно непознавање на материјата и областа за која се пишува.

Таквите наслови се „Се убил себе си па жената„ или „На приведените обвинителот им определи 30 дневен притвор„. Првиот наслов се противи на секаква логика и е невозможно да се случи, а вториот покажува дека новинарот ниту ги знае надлежностите на судот и обвинителството ниту се обидел да ги научи и покрај тоа што пишува за правосудството.

Новинарството е една од највлијателните, најтешките и најодговорни професии., професија која создава и креира јавно мислење, професија која има моќ да влијаее на општествената свест и појави, да информира. Барањата кои еден новинар треба да ги исполни не се сменети од како постои професијата новинар, исто како што ни елементите на различните новинарски форми не се сменети.

Елементите кои треба да бидат запазени за определен текст да  биде вест, извештај, коментар, репортажа постојат и не се сменети, но многу често веста и коментарот се мешаат и нема јасно раздвојување, а насловите не се покриени со текстот, изјавува Томас Брај, германски новинар кој издал и книга-учебник за новинарите. Во неговата книга се наведени проблемите со кои се судира денешното новинарство, особено во југоисточна Европа, но и пропустите, забелешките и недоследностите на новинарството.

ПРИВАТИЗАЦИЈА И ПАРТИЗАЦИЈА НА МЕДИУМИТЕ

Во денешно време со развојот на техниката и технологијата, особено интернетот и со експанзија на порталите, новинарството доби една друга димензија и содржина од онаа која ја имаше во времето на печатените весници. Еднаш објавена информација било каде е речеси веднаш достапна и на читателите, но и на другите портали кои буквално ја превземаат во оригинална форма и ја ставаат на својот портал.

Ова на  новинарството му го одзема квалитетот за сметка на квантитетот, па наместо борба за ексклузивна информација настанува борба за број на објавени информации каде содржината и не е примарна.Превземањето на вестите еден од друг честопати доведува до тоа истата грешка во текстот објавена на порталот кој ја објавил прв веста се провлекува на сите портали што покажува дека истата е превземена без многу да се внимава и размислува за содржината.

Политичкитe, економските и социјални односи на денешницата подеднакво влијаеа на новинарството и неговиот квалитет бидејќи ниту новинарство, како ниту еден друг сегмент или област од нашето живеење не може да одолее на општествената реалност.

Приватизацијата на медиумите, нивната политичка поврзаност, борбата за реклами и спонзорства длабоко влијае и на квалитетот, но и на темите кои ќе бидат предмет на новинарска опсервација , а уште повеќе кој ќе биде или смее да биде предмет на таа опсервација или веста.

Ретко, речеси никогаш, новинарите од една медиумска куќа, сеедно за каков медиум се работи, печатен или електронски, ќе добијат и шанса и можност да објават критички текст или било каква негативна вест за политичката опција и нејзините функционери, кои се блиски до новинската куќа или за нивните спонзори или за оние кои се рекламираат преку весникот или порталот.

Бевме сведоци дека и малкуте вести кои беа резултат на истражувачка работа на новинарите и кои беа објавени беа веднаш вербално нападнати за пристрасност, партиските ботови и штабови веднаш почнаа со спинување за на крај содржината на веста да стане маргинална , а вистината како производ на истражување и една макотрпна работа за обезбедување на документи да стане небитна.

При една таква ситуација во која политиката владее и ја има реалната моќ која ја покажува и демонстрира на секој чекор тешко да може да се очекува сериозно истражувачко новинарство, кое бара многу труд, време и храброст за на крај сето тоа да се релативизира и заташка.

За волја на вистината  и покрај таквите односи и состојби, еден дел од новинарите успева да ги обелодени негативните, коруптивни и незаконити дејствија и состојби на дел од јавните функционери и политичарите за кој јавноста никогаш не би дознала, да не е тој дел од новинарите кои се одважиле истото да го објават и да биде предмет на нивниот интерес.

Особено е за почит што во таквите ситуации, а имајќи ја во предвид денешната општествена и политичка стварност, истите немаа никаква заштита ниту некој застанува во нивна одбрана. Наместо тоа, истите се предмет на напад и омаловажување од страна на засегнатите и нивните стада се со цел веста да се релативизира, вистината да се маргинализира , а новинарот да се дисциплинира.  

Уште многу може да се каже или напише за новинарството и вестите, но јас ќе завршам со една мисла за важноста на вестите, а со тоа и на новинарството.Колку е важно новинарството и вестите кои се објавуваат можеби најдобро го опишува мислата на  Харолд Ласки –“Народ без вистинити вести е , пред или подоцна, народ без темели на слободата“.

Поврзани новости