Наредната недела ќе се одлучува дали граѓаните ќе можат да внесат милениче во јавен превоз

by fokus

Над 1.600 граѓани го поддржале предлогот на активистите за заштита на животните да се дозволи транспорт на миленици во јавниот превоз во Скопје. Иницијативата беше објавена на платформата Мојот град, а беше започната поради големиот револт, откако имаше повеќе случаи кога патници со милениче биле избркани од автобус во Скопје, од страна на возачите и контролорите на ЈСП Скопје.

-Како здружение за заштита на животни и унапредување на нивните права, а воедно и правата на граѓаните кои имаат миленици, секогаш се трудиме да наоѓаме начини да промовираме одговорно сопствеништво и ја придвижиме колективната свест во правилната насока. Во изминатиот период бевме контактирани и информирани за неколку непријатни настани каде граѓани биле бркани од градски автобуси бидејќи со себе во транспортери носеле милениче одејќи кон ветеринар.

Проверувајќи ги одлуките на ЈСП Скопје, увидовме дека јавниот срам и стресот кои го претрпеле граѓаните од возачите и контролорите на ЈСП Скопје, е всушност дозволен според Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје која гласи Член 94 (1) На патниците им е забрането во автобус да: – влегуваат во алкохолизирана состојба или да консумираат алкохол во возилото, – внесуваат животни, освен во случаите од член 99 на оваа одлука Член 99 Слепите лица имаат право во возилото да внесат специјално обучени кучиња – водичи, лицата во инвалидска количка рехабилитациски кучиња, а дете со пречки во развојот, покрај придружбата со родител може да внесе во возилото и тераписко куче.
Кучињата мора да се обезбедени со официјален документ, појас, корпа и ознака- појаснуваа од Асоцијацијата за згрижување и вдомување на бездомни животни ,,Бездомни животни без граници” Скопје.

Поради тоа двајцата советници од Зелен хуман град поднесоа иницијатива за слободен пристап на граѓани со домашни миленици во градскиот автобуски превоз, но седницата на која ќе се дискутира и одлучува ќе продолжи на седми март, односно наредниот понеделник.

На платформата за гласање 1.668 лица гласале За, додека пак само 31 глас имало против.

Засега, во јавниот превоз е дозволен транспорт на кучиња кои придружуваат лица со попреченост, но во јавноста имаше повеќе реакции кога и за овие кучиња не бил дозволен влез во автобусите.

Здруженијата за заштита на животните потенцираат дека слободата на движење не смее биде ограничена за граѓаните со миленици, во услови кога истите не загрозуваат ничија безбедност и велат дека уште повеќе оваа одлука е контрадикторна со кампањите на одредени институции кои наводно промовираат одговорно сопствеништво, кога во реалноста граѓаните со миленици се дискриминирани од многу различни аспекти.

Вики Клинчарова

Поврзани новости