Изминативе денови се направени вкупно 116 вонредни надзори врз основа на Законот за угостителска дејност. Решенија за привремена забрана се изречени на 10 правни субјекти (кафичи/клубови) по закон за угостителска дејност, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева.
Утврдено е дека 15 правни субјекти (од вкупно 23) кои имаат активна лиценца не исполнуваат минимални технички услови и кај нив ќе бидат изречени две мерки: решение за забрана на вршење на дејност и предлог до Министерството за економија за одземање на лиценца.
Кај 6 правни субјекти кои немаат активна лиценца или им е истечена, а е утврдено дека изминатиот период функционирале, издадени се решенија за забрана на вршење на дејност.
Издадени се 59 прекршочни платни налози во износ од 522.690,00 денари и по други основи од Законот за угостителска дејност (тие други основи се однесуваат на непочитување на нормативи заверени кај грагоначалник, одобренија за тераси, не истакнат број на ДПИ итн. )
„Во однос на идните чекори кои ќе се преземаат сакам да ја информирам јавноста дека во координација со МВР овие денови започнуваат инспекциски надзори во објекти за организирање на прослави и настани со посебен акцент на утврдување на минимално техничките услови и категоризација на ресторани, како и за другите одредби од Законот за угостителска дејност.
За жал бројките зборуваат сами за себе, но од друга страна ја потврдуваат потребата од решително и одговорно дејствување. Како влада сме посветени на вистински решенија и целосна транспарентност.
Ќе се погрижиме сите институции да постапат согласно законот, секоја неправилност да се отстранува и санкционира, а јавноста редовно да биде информирана за напредокот. Нашата цел не е само да реагираме туку да создадеме систем кој работи превентивно и им служи на граѓаните“ порача Митева.