Напаѓачот од Торонто кој усмрти 10 лица колегите го опишуваат како повлечен и безопасен

by fokus

Напаѓачот кој со комбе усмрти десет лица и повреди најмалку 15 луѓе во предградие на Торонто е идентификуван како Алек Минасиан, 25-годишен студент за кој колегите велат дека го знаат како повлечен и безопасен.

– Не беше друштвен човек, но колку што се сеќавам беше сосема безопасен, изјави Шерин Чами, негова поранешна колешка од одделот за лица со посебни потреби во средното училиште Торнлиа кое го завршил.

Негов друг колега кој одел на некои часови со него, Ери Блаф во разговор за Би-Би-Си исто така го опиша како осаменик.

– Никогаш не сум го видел со пријатели. Мислам дека не беше премногу друштвен, вообичаено го гледав сам во ходниците или во мензата, изјави Блаф.

Во канадскиот образовен систем терминот „специјални потреби“ се однесува на лица кои имаат тешкотии во учењето, бихевиорални тешкотии како и физички недостатоци.

Официјални лица соопштија дека тој не и бил познат на полицијата од претходно.

До неговата Фејсбук страница не можело да се пристапи преку интернет страницата, но според верзијата до која можело да се пристапи преку интернет архива, тој бил студент во колеџот Сенека од 2011 до април 2018 година, училиштето Торнлеа го завршил во 2011 година, а како стручно познавање навел развој на софтвер.

Според пост од септември 2013 година, тој почнал да работи во Центарот за развој на отворена технологија на колеџот Сенека и објавувал информации за својот напредок во развојот на софтвер се до март 2014 година. Андроид продавницата на Гугл нуди апликација за паркинг која ја направил некој што се вика Алек Минасиан.

Американските медиуми претходно јавија дека Минасиан се наоѓа во притвор, а се очекува денеска да се појави пред суд кога ќе биде објавено и обвинението против него. Се истакнува дека се уште не е познато дали влетувањето во луѓе било намерно или се работи за возачка грешка. Еден од сведоците на нападот со комбето рекол дека возачот не изгледал дека се труди да запре.

– Ако беше несреќа, тој ќе запреше. Меѓутоа, тоа лице само продолжи да вози по тротоарот. Можеше да запре, изјави сведокот Питер Канг за ЦТВ Њуз.

Друг медиум пренесе изјава на еден од полицајците од местото на инцидентот дека се уште не се знае зошто комбето ги удрило пешаците.

На видео снимка која ја емитуваше Си-Би-Си се гледа маж кој има вперено предмет кон полицаец кој му вика да легне додека тој му повторува „убиј ме“.

Полицијата соопшти дека изнајменото бело комбе од фирмата „Рајдер“ пешаците ги удрило на крстосницата меѓу улицата Јонги и Авенијата Финч, а на телевизиските снимки беше емитувано укажувањето помош на повредените кои лежеа на тротоарот.

Поврзани новости