Напаѓачот од Неготино спроведен во ЈЗУ Негорци: Првин бил во гимназијата, во ЦСР се заканувал со убиство и самоубиство и носел нож во ќеса!

by Фокус

Неготинецот Л.Ф. (50) кој во вторникот беше приведен од полициски службеници од ПС Неготино, поради вербален напад врз службенички од Центар за социјални работи Неготино, пред кои се соблекол, спроведен е во Јавна здравствена установа Негорци, и веднаш е поднесена кривична пријава до ОЈО Кавадарци против него, информираат од МВР за ,,Фокус”.

Но, она кое првично беше опишано како вербален напад и соблекување пред вработените во ЦСР Неготино, всушност било вистинска траума, не само за вработените службенички, туку и за граѓани кои тоа утро го забележале Л.Ф. низ градот.

Како што раскажува Павлинка Волкановска од ЦСР Неготино, настанот се случил околу 9:20 утрото во вторникот. Таа и две нејзини колешки биле на работно место, кога влетал насилникот, силно ја треснал вратата и започнал да вика по нив.

-Веднаш ми беше јасно дека лицето кое ние во Центарот го знаеме со години наназад, нема контрола и може да се случи трагедија. Уште истиот момент, кога тој влезе разгневен, јас повикав полиција. Ми кажаа дека ќе дојдат за десет минути.

Во тој период додека да дојде полицијата, тој започна со неговите закани за силување, со вулгарни зборови ни се обраќаше, а се закани и дека дошол судниот ден, дека две лица ќе заминат, од кои едното лице ќе биде тој, дека наводно ќе убие некого и ќе се самоубие.

Носеше шише со алкохол, започна да мава кон нас со разни предмети, со филџани… Ние во Центарот немаме обезбедување, па бевме принудени да ја чекаме полицијата и да се надеваме дека нема да се случи трагедија – раскажува службеничката.

За лицето, појаснува дека од информациите со кои располагаат, тоа утро првин заминал на градските гробишта, Таму извршил вандализам, кршел од оставените чаши и тањири на гробовите, а од гробиштата, се упатил кон средното училиште во градот.

Од таму му било кажано да си оди, иако се правдал дека ја чека ќерка му (лицето нема деца, ниту сопруга), по што најверојатно се упатил кон ЦСР. Попат, раскажаа граѓани за ,,Фокус”, им довикувал на минувачите и ги навредувал.

-Го знаеме од порано, самец е, во минатото живееше со мајка му, од нејзината пензија. Знаеме дека беше пријавен за насилство врз мајка му, но потоа таа ја повлекла пријавата. Имаме информации и дека неодамна се степал со сограѓанин. По смртта на мајка му тој користи социјална помош, го пријавивме и во народната кујна, добива и нега.

За него се грижат негови роднини, но очигледно состојбата му се влошила и потребно му е сместување во соодветна институција, со постојан надзор. Во ќесето кое го носеше со себе, кога не нападна во канцеларијата, потоа видовме дека имал и нож.

Загрижувачки е што по настанот, родители ни раскажаа дека одел не само во гимназијата, туку и во Основното училиште ,,Гоце Делчев” и на малолетници им зборувал вулгарности- појаснува службеничката.

И родители на чии малолетни девојчиња изминатиот период на улица лицето им се обратило и им дофрлало дрски зборови, за ,,Фокус” велат дека се загрижени и дека институциите треба да превземат соодветни мерки, за да не се повторат настаните, бидејќи очигледно е дека на Л.Ф. му е неопходна стручна помош и згрижување во институција.

Околу тоа дали додека бил во дворот на гимназијата, пред да замине во Центарот, со себе го носел и ножот, нема официјални податоци. Волкановска вели дека има информација како од страна на вработените на градските гробишта, тој бил пријавен поради вандалското однесување.

Таа и нејзините колешки тврдат се чувствуваат незаштитено на работното место, бидејќи секојдневно се во контакт со конфликтни лица, кои поради лошата финансиска состојба во која се нашле, најчесто очекуваат од вработените во Центарот да им ги решат сите проблеми, и неретко се соочуваат со разни обвинувања и тензични ситуации.

-Секаков народ доаѓа кај нас, а со последниот случај очигледно е дека нашата безбедност е доведена во прашање. Сами сме, без обезбедување, потребни се системски промени. Ако и овој случај не е доволен да се вклучи алармот, што повеќе треба? Потребна ни е конкретна заштита, веднаш – порачаа службеничките.

Вики Клинчарова

Поврзани новости