Напад во Амстердам, најмалку пет лица избодени со нож

by Fokus

Најмалку пет лица се повредени во напад со нож во близина на централниот плоштад Дам во Амстердам.

Според првичните информации, осомничениот за нападот е уапсен, но се уште не е познат мотивот за нападот.

„Во моментов немаме информации за причината или мотивот на инцидентот со прободување. Ова е предмет на нашата истрага“, соопшти полицијата во Амстердам, која ги повика граѓаните кои имаат снимки од инцидентот да им ги испратат.

Локалните медиуми јавуваат дека полицијата ја опколила областа и плоштадот Дам. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како хеликоптер слетува на плоштадот, додека повредените се транспортираат во болница.

Весникот De Telegraaf наведува дека најмалку 14 полициски возила и еден полицаец на мотор пристигнале на местото за 15 минути.

Вработена во продавница изјавила дека одеднаш слушнала многу викање и врескање и дека луѓето почнале да трчаат во правец на инцидентот.

Тројца млади мажи биле во близина кога се случил нападот. „Видовме чувари како трчаат наоколу, кај Примарк“, рече еден од нив. „Само што минувавме низ таа улица кога ја затворија. После тоа видовме три амбулантни возила како заминуваат со сирени како трескаат“, изјавија тие за Де Телеграф.

Градоначалничката на Амстердам, Фемке Халсема, главниот обвинител Рене де Беукелаер и началникот на полицијата Питер Хола се состанаа на консултации по нападот.

Плоштадот Дам е едно од најпосетуваните места во главниот град на Холандија, лоциран во историскиот центар на Амстердам и опкружен со знаменитости како што е Кралската палата.

Поврзани новости