Наместо во ЕУ, Путин ќе нѐ носи во Баљшаја Европа?!

by Фокус

Текстот е објавен 25 октомври 2013 во неделникот „Фокус“.

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

Веројатно Џорџ Орвел се превртува во гробот бидејќи пречесто за сѐ и сешто се спомнува неговата „1984“, а да бидеме искрени и ние по малку си станавме здодевни барајќи паралели меѓу орвеловата Океанија и општеството во кое живееме. Нејсе, понекогаш споредбите бодат очи и буквално се неизбежни. Во мрачната орвелова визија за иднината, покрај Океанија, составена од двете Америки, Јужна Африка, Австралија и Велика Британија, егзистираат уште две супердржави − Истазија и Евразија.

Оваа вторава е формирана откако Советскиот Сојуз го вшмукал остатокот од континентална Европа и создал нација што се протега од Португалија до најисточната точка на азискиот континент. Така изгледал светот во застрашувачката фикцијата на Англичанецот во далечната 1949 година кога книгата излегла од печат.

 НОВА ЕВРОПА ОД ЛИСАБОН ДО ВЛАДИВОСТОК

Половина век подоцна во Москва се исцртуваат контурите на една друга визија за иднината која во неколку, би рекле, клучни точки се допира со она што Орвел го „гаташе“. Според источноевропските аналитичари, руската надворешна политика, поточно старо-новиот претседател Владимир Путин, игра на картата на создавање на огромна европска асоцијација која, меѓу другото, би била заедница на економии што се протега од Лисабон до Владивосток, или како што би рекол Орвел − од Португалија до најисточната точка на азискиот континент.

Унијата би се викала Поголема, или по руски Баљшаја, Европа и би била составена од два столба, првиот столб би бил денешната ЕУ плус Западен Балкан, а вториот би го сочинувала Русија заедно со бившите советски републики кои и денес гравитираат околу Кремљ.

Визијата на Путин за вториот европски столб, контролиран од Москва, е заедница од економски моќни држави кои ќе се интегрираат со ЕУ, ама нема да ги имплементираат демократските стандарди на Брисел! Таа заедница би се нарекувала Евроазиска Унија, или што би рекол Орвел − Евразија!

Овие визии за една поинаква европска иднина (без паралелите со Орвел) ги анализира полскиот „тинк-тенк“-Центар за источни студии во неговото последно издание „Поголема Европа, Путиновата визија за европска (дез)интеграција“ кое излезе овој месец.

Варшавскиот Центар за источни студии е формиран во 1990 година и важи за една од поголемите европски „тинк-тенк“-организации која целосно се финансира од државниот буџет на Полска. Неговите аналитичари се уверени дека неколку геополитички услови ја принудуваат Русија да влезе во авантура за ново и пошироко друштво на Стариот континент.

Концепотот на Баљшаја Европа е чисто антиамерикански и главната цел му е да создаде руско-европско партнерство против американската политика и економија. И не е случајно што руските лидери, особено Путин, им се обраќале на европските земји, како Германија и Франција, кои во неколку наврати се дистанцирале од курсот на Вашингтон.

Во ноември 2010 г. Путин ја посетил Германија и дал изјава за дневниот весник „Зидојче цајтунг“ во која ја објаснил основната идеја за Поголема Европа и потенцирал дека на Стариот континент му треба нова визија за иднината која ќе ја обликуваат Москва и Брисел заедно.

Најконкретен чекор во поставувањето на темелите на идната супердржава се сметаат таканаречените трипартитни состаноци меѓу руските, француските и германските челници, кои почнуваат со првата средба меѓу Хелмут Кол, Жак Ширак и Борис Јелцин во Москва во 1998 г.

Првите луѓе на трите држави од 2003 до 2007 година се среќавале еднаш годишно, во 2005 дури и два пати, но дружбата замрела по доаѓањето на власт на Никола Саркози, бидејќи во неговиот мандат имало само еден состанок во 2010 г.

Полските истражувачи веруваат дека Москва е загрижена и од динамичниот развој на Кина и токму во новата и поголема Европа гледа сила, којашто ќе може да му се спротистави на забревтаниот Пекинг.

 

ПОГОЛЕМА УНИЈА СОСТАВЕНА ОД ДВЕ СОСЕМА РАЗЛИЧНИ ЕВРОПИ

Центарот за источни студии од Варшава го реконструираше рускиот мастер-план за Баљшаја Европа. Новата суперунија би требало да биде заеднички простор изграден врз два столба: областа што ја покрива Европската Унија, каде што главниот збор ќе го има Германија и Евроазиската Унија, која може да се смета дека е веќе зачната во јули 2012 г. со Царинската унија меѓу Русија, Белорусија и Казахстан. Евроазиската Унија би се ширела со поранешните советски републики кои и денес на некој начин се под капата на Кремљ.

Двете области би биле поврзани преку мрежа на политички, економски и безбедносни институции, а целиот простор на Баљшаја Европа би бил поле за слободно движење на луѓето и на богатствата, иако би можело да има ограничувања во миграцијата на работниците и на капиталот.

Најголем број од важните одлуки за развојот на новата заедница би се носеле едногласно, што со други зборови кажано би ѝ овозможило на Русија да влијае врз земјите од западната сфера.

„Интересно, Москва, се чини, верува дека ваквото продлабочување на руско-европската меѓузависност би било, всушност, во корист на Русија и дека Кремљ не само што би ја задржал целосната слобода во внатрешната политика туку би добил и неограничен простор за маневар во меѓународната политика. Целта на Поголема Европа не е Русија да се претопи во новата политичка, економска и безбедносна структура, туку напротив – поентата е таа да си го засили потенцијалот и независноста како голема глобална сила“, заклучува Варшавскиот „тинк-тенк“.

На крајот, западните земји, посебно ЕУ, би требало да се откажат од намерата да ги интегрираат земјите од интерес за Русија, посебно Украина, и да ја баталат идејата на истите држави да им ги наметнат ЕУ-стандардите. Всушност, да ја признаат хегемонијата на Путин и на неговите наследници врз тој дел од светот.

„Русија би била таа што ќе ги регулира, преку телата на идната Евроазиска Унија, релациите на земјите од Источна Европа, Јужен Кавказ и од Централна Азија со ЕУ. Во реалноста, тоа би значело дека Москва ќе одлучува кои ЕУ-стандарди ќе се имплементираат во земјите од нејзин интерес, дали и до кој степен“, пишува во трудот на полскиот Центар за источни студии.

Можеби најважниот дел од анализата се концентрира на тоа како на политички план би изгледала Евроазиската Унија, вториот столб од Баљшаја Европа.

Имено, Центарот за источни студии издвојува дека Путин во неговото обраќање преку „Зидојче цајтунг“ потенцирал оти ЕУ не треба да очекува Кремљ прво да ги усвои европските стандарди, туку да се интегрира со Русија таква каква што е во моментов.

Целосната визија за тоа како ЕУ треба да ја прифати Русија во новата и поголема заедница Путин ја елаборирал во текстот што го објавил во октомври 2011 година во московскиот дневен весник „Известија“, кој воедно бил дел од неговата кампања за нов претседателски мандат.

Таму рускиот претседател пишува дека Баљшаја Европа треба да се интегрира економски, но не и политички, а идната голема унија не би требало да завлегува во руската автономија.

Tekst_mapa1

КАДЕ БИ БИЛО МЕСТОТО НА МАКЕДОНИЈА?

Домашната демократска јавност веројатно веднаш ѝ најде место на Македонија во онаа втора Европа, судејќи според моменталните демократски перформанси на нашите лидери за кои зборуваат последните извештаи на Стејт Департментот и Европската Комисија, како и оние за слободата на медиумите што ги изработуваат „Фридом Хаус“ и „Репортери без граници“.

Според последниот извештај на „Фридом Хаус“, Македонија е делумно слободна, а Русија важи за неслободна земја, додека Москва е дури 32 места подолу од македонското 116-то место на листата на „Репортери без граници“.

Сличната реторика во овие извештаи не е единствената работа која нѐ тера да мислиме дека можеби некој во Македонија смета оти низ евроазиската порта може да влеземе во некаква поголема Европа.

Прво и основно, Грција, како една од главните наши пречки, би била дел од првиот, оној ЕУ-столб на новата суперзаедница. И второ, македонските челници и тоа како подобро се разбираат со Путин, отколку со еден Баросо.

Еден од доказите дека Владимир Владимирович Путин е идол на нашиот политички врв е текстот кој датира од 2006 година на денешниот врховен командат, претседателот Ѓорге Иванов. Тогашниот професор ќе напише дека во Русија бил изграден еден специфичен облик на демократија, која некои ја нарекувале контролирана демократија. Системот, според професорот Иванов, предвидувал онолку демократија колку што дозволувало нивото на општеството. Тоа што не можело да се решава низ демократските институции и процедури, не смеело да се отфрла. Сето тоа се решавало авторитарно.

Но, затоа тогашниот професор ќе напомене дека се граделе училишта, болници, патишта, а фабриките работеле со полна пареа. Тој ќе се согласи дека Русија не се вклопува во западните критериуми на демократија, меѓутоа промените во оваа земја, според него, довеле до неверојатен напредок и затоа 70 отсто од граѓаните го поддржувале Путин.

Рака на срце, Варшавскиот институт ја сместил Македонија заедно со земјите од Западен Балкан во границите на онаа прва и бриселска Европа, која, нели, мора да ги негува ЕУ-стандардите.

Меѓутоа, интересно е дека без некое посебно објаснување Турција на Реџеп Таип Ердоган на мапата е опишана како земја со кандидатски статус во ЕУ, но и дека е поканета да биде дел од Евроазиската Унија. Тоа е истата Турција на која нашиот државен врв ѝ го нудеше срцето кога плоштадот Таксим беше полн со незадоволните истанбулчани кои протестираа против уништувањето на Гези паркот.

А, дека Македонија сѐ повеќе наликува на Турција кога е демократијата во прашање, доволно е да се погледне во истите извештаи и да се погледнат истите индекси преку кои се споредувавме со Москва. Турција, од друга страна, е единствената држава која во моментов може да се пожали дека е подолго од Македонија во чекалницата пред Брисел, бидејќи во декеври 1999 година го добила кандидатскиот статус, преговорите почнале во 2005 година и не е на повидок дека брзо ќе завршат.

Заклучокот на Варшавскиот институт е дека многу поверојатно е оти Русија во моментов ќе се сконцентрира на проектот Евроазиска Унија, кој ќе го гради врз основа на онаа царинска унија со соседите, а целта на Москва на краток рок ќе биде да ја вклучи Украина во целиот процес.

Имплементацијата, заклучува полскиот „тинк-тенк“, на проектот Поголема Европа ќе биде одложена, бидејќи руските лидери очекуваат Европската Унија да ослаби, со што би била порасположена за руските предлози. Кој знае, можеби такво нешто се чека и во новото и надградено Скопје!?

Поврзани новости