Наместо дипломатска пошта се шверцувале алкохол и цигари, МНР засега нема потврда за таков случај

by fokus

Во пратка означена како дипломатска пошта на македонското МНР, во камиони се носеле и шверцувале цигари и пијалоци, објави порталот МКД.мк.

Според порталот, камион управуван од возач со македонски пасош бил запрен на влез во Италија од Словенија и при проверката било утврдено дека се шверцуваат цигари и алкохолни пијалаци, а при граничната контрола возачот покажал документи што потврдувале дека се превезува дипломатска пошта.

Иако дипломатската пошта не се проверува и е заштитена со Виенската конвенција, италијанските служби поради некои сомнежи го ставиле камионот на скенер и извршиле претрес.

Во написот пишува дека камионот тргнал од Скопје, а со акцизната стока бил натоварен во Србија. Преку Хрватска и Словенија стасал во Италија. На влез во Италија на скенерски преглед се откриени многу шишиња по што следувал претрес на камионот, при што е откриено големо количество цигари и алкохолни пијалаци кои биле „покриени“ со дипломатски печати, пломби и документи, а на крај возачот бил притворен.

Од МНР пак соопштија дека по овие информации и извршени проверки последните два дена „не е најдена никаква трага во Министерството, за евентуална пратка која би можела да биде основа за злоупотреба“.
Дополнително, дадена е насока и во рамките на нашите дипломатско конзуларните претставништва за проверка на сите добиени информации за евентуални случаи со приведени наши граѓани, кои би можеле да бидат слични со пласираните наводи. Засега и од нашите претставништва не е добиена информација за евентуален сличен случај, кој би можел да соодветствува со наводите, соопштуваат од МНР.

Во одговорот од куќата на дипломатијата се наведува: „Иако нема потврда за постоење на ваков случај, министерството има политика на нулта толеранција за злоупотреба или евентуално фалсификување на дипломатски документи или документи на институцијата, и оттука, Министерството за надворешни работи во следниот период ќе продолжи со темелни проверки на појавените наводи и за тоа соодветно ќе ја информира јавноста.“

Поврзани новости