Наместо да одговори за навредите во спотовите, Трајчевски со навреди кон „Фокус“

by fokus

Кој е надлежен да ги санкционира личните дисквалификации во пропагандните спотови од изборната кампања на партиите каде се дискредитира и навредува противникот? Прашање со кое се судривме барајќи одговор од институциите кои избегнуваат да си ја вршат работата.

На прашање дали Агенцијата за медиуми ќе постапи по навредливата содржина во спотовите на ВМРО-ДПМНЕ, каде директно се напаѓа и дискредитира противникот, Стево Пендаровски, директорот, Зоран Трајчевски, ни одговори дека Агенцијата не е надлежна за тоа.

-Одговорен е нарачателот на спотот – вели Трајчевски.

На прашање кој треба да го санкционира нарачателот, бидејќи во спротивно нападите би излегле од контрола, а политичките партии би се служеле со валкани кампањи, Трајчевски не праша зошто не реагираме на спотот на СДСМ, каде, како што рече, претседателот на државата е претставен како фикус. Прашање на кое што повторно треба да одговори Агенцијата со постапка или опомена кон партијата.

Дека спотовите на ВМРО-ДПМНЕ се навредливи призна и кандидатот на партијата, Гордана Силјановска, која јавно му се извини на Пендаровски и му вети дека истите ќе бидат повлечени.

Од ВМРО-ДПМНЕ за „Фокус“ велат дека спотовите се навистина повлечени од сајтот на Силјановска, но сепак тие се уште се наоѓаат на фејсбук страната на ВМРО-ДПМНЕ и постојано циркулираат во етерот.

Од друга страна Агенцијата за медиуми, која треба да ги спречи личните дисквалификации каде се напаѓа нечиј углед преку медиумите, немо стои настрана.

Трајчевски ни рече дека сме „новинарчиња кои се јавуваат од штабот на СДСМ“ бидејќи ги поставуваме прашањата, ни рече „да си ги прашаме газдите на медиумите ако не знаеме нешто“ и не упати за одговор во Државната изборна комисија, со напомена дека не смееме да го цитираме.

-ДИК е надлежна за оваа работа – рече тој.

Но работата на Државната изборна комисија не е да ги следи медиумите.

-Агенција за медиуми, они го следат тоа. Они следат дискриминација и говор на омраза во содржината на кампањата – вели Љупка Гугучевска, портпарол на ДИК.

Таа додава дека во Изборниот законик е јасно наведено дека за кампањата која се емитува во радиодифузерите е надлежна АВМУ, додека ДИК, од друга страна, одлучува само по приговорите и тоа дали е отпочната кампањата предвреме или дали е водена во изборен молк.

-За содржината е надлежна АВМУ– повторува Гугучевска.

Во Изборниот законик, пак, стои дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е должна „да го следи изборното медиумско преставување и програмскиот сервис на радиодифузерите од денот на распишување на изборите до завршување на гласањето на денот на одржување на изборите.“

И сега повторно кон Трајчевски, јавно го прашуваме до каде е постапката.

Институциите треба да одговарат на овие прашања и да ги спречат недоличните содржини во изборните кампањи со кои се напаѓа противникот. Наместо да ги санкционираат и превенираат овие појави, одговорните избегнуваат да постапат, па наместо тоа ги „санкционираат“ медиумите кои прашуваат.

Маја Васева

Поврзани новости