Наќе Чулев тврди дека не знаел ништо за дипломатскиот скандал

by Fokus

По не знам кој пат Оливер Спасовски причината за своите катастрофални грешки, пропусти и нестручност ги бара во мене. Самиот тој е свесен, но не сака да признае дека вината за големиот број скандали кои во континуитет го тресат МВР и државата е само во Оливер Спасовски и луѓето поставени од него, реагира некогашниот министер за внатрешни работи во техничката Влада, Наќе Чулев.

„Мојата улога како технички министер во Владата беше спроведување на парламентарните избори. Краткиот период и големите опструкции беа пречка да се расчистат сите криминали во кои се инволвирани највисоките структури во МВР. За тоа допрва доаѓа времето. Убеден сум и верувам дека правдата ќе го стигне и него и секој кој постапувал спротивно на Законот, на тој начин изневерувајќи ја довербата на граѓаните и валкајќи го угледот на државата и уништувајќи ја нејзината европерспектива. Додека јас бев министер, ниту еден од пиуните на Оливер Спасовски до мене не достави информација за било каков криминал од меѓународни размери, напротив тие по негова насока правеа опструкции и вешто ги скриваа скандалите правени од негова страна. Исто така, дополнително ниту било која друга државна институција не ме информираше за наведениот скандал. Доколку сака вината во некого да ја побара тоа нека го направи во кадрите поставени од Владата и лично од него.

Ги повикувам надлежните институции да проверат кој и зошто и за какви цели издавал лажни пасоши, задскривал меѓународни скандали и надлежните организациски единици во МВР да покренат постапки за дисциплинска одговорност за сите луѓе на Оливер Спасовски кои се дел од неговите незаконски шеми и бизниси, а свесно ги кршеле законските прописи“, вели тој.

 

Поврзани новости