Најтешко ми беше кога татковците ги земаа своите деца од училиште, вели Анастасија Ражнатовиќ за животот без татко

by fokus

Се сеќавам дека по завршувањето на часовите, кога татковците на моите другарчиња доаѓаа да ги земат, бев многу тажна. Јас на мојот татко не се ни сеќавам, и не беше лесно да се расте без еден родител – раскажува Анастасија Ражнатовиќ, ќерка на балканската музичка ѕвезда Цеца.

Ова е прв пат таа јавно да проговори за растењето без татко, во интервју за српски медиум.

Сепак, вели дека ја имала среќата токму Цеца да биде нејзина мајка. Во растењето покрај неа секогаш била и Лидија, сестрата на Цеца, и со многу љубов тие се труделе Анастасија и нејзиниот брат Вељко да не патат поради тоа што се деца на самохрана мајка.

-Мајка ми е јавна личност, со многу обврски, експонирана пред народот, но секогаш даде се од себе првенствено да биде добра мајка. Самохраните родители имаат многу откажувања во животот, бидејќи целиот товар паѓа врз нив, нема со кого да го поделат. Би им порачала да бидат силни, да бидат пријатели и поддршка на своите деца, и се ќе биде како што треба. Децата умеат да го ценат тоа – порача Анастасија.

Пред три години и таа по стапките на својата мајка заплови во музичките води. За нејзината прва песна ,,Совршен пар” го ангажираше нашиот композитор и аранжер Дарко Димитров.

Тогаш Цеца изјави дека во Скопје, во студиото на Димитров се работи на првиот албум на Анастасија, и дека е подобро таа да сними повеќе авторски песни, па дури потоа да започне со настапи.

-Наместо да испее две свои песни, а потоа да го продолжи настапот со моите хитови, одлучивме дека е најдобро таа да има свој авторски репертоар-порача таа за време на нивниот престој во Скопје пред неколку години.

Вики Клинчарова

Поврзани новости