Најтешко беше кога минував покрај зградата, а не можев да си го видам семејството – раскажува д-р Клопчевски кој помина пет недели во болницата во Дебар

by Фокус

Кога пред околу пет недели Дебар стана жариште на корона вирусот, медиумите и социјалните мрежи ги преплави фотографијата на која Валентина, сопругата на примариус доктор Драган Клопчевски пред Бошков мост го испраќа на работа во болницата. Кога повторно ќе го види – таа тогаш ни кажа тогаш дека не знае. Но, посочи дека заедно со синовите ќе го чекаат во нивниот дом Скопје, во надеж дека наскоро ќе им се врати жив и здрав.

Лекарот кој со неговиот тим застана во првиот ред во борба против опасниот вирус, по пет недели се врати во семејниот дом во Скопје и повторно си ги прегрна најмилите. Со семејството заедно го слават празникот Велигден, а за ,,Фокус” раскажува за искуството.

-Во Дебар престојував од 13-ти март до 17-ти април, работам како специјалист интернист во општата болница Дебар. Во тој период имав 17 дежурства каде што се случуваше и по 48 часа да останам на работа поради недостаток на персонал. И покрај обврските во комисии, успешно се справив со сите дневни работни задачи – вели докторот.

Тој додава дека најтешко му било кога патувал со пациенти во Скопје и минувал покрај зградата во која живее, од возилото гледал кон своите прозорци, но поради процедурите, не смеел да си го види семејството. Сепак, во име на својата професија, тој не потклекнал во ниту еден момент и храбро го поднел периодот на разделеност.

-Се случуваше многу пати да патувам со санитетското возило до Скопје со пациенти до болницата 8-ми Септември, се носеа и материјали во Центарот за јавно здравје и се земаа готови резултати. Најтешко ми беше кога се враќав назад да поминам покрај својата зграда, а не можев да го видам моето семејство – се сеќава Клопчевски.

За дебарчани вели дека треба да послужат како пример за сите во земјава, бидејќи покажале огромна одговорност и ги следеле препораките, со цел да излезат како победници од битката со вирусот.

-Жителите во Дебар покажаа пример во државата како треба да се справиме со пандемијата од Kovid 19. Бидејќи во целост ги почитуваа препораките од СЗО и Министерство за здравство, бројот на заболени се намалуваше. Во последните 10 дена немаше нови заболени. Апелирам до сите граѓани и надлежните структури да го следат примерот на Дебар – порача докторот.

Пред да си дојде во Скопје тој бил тестиран, и по добивањето на негативниот тест, по повеќе од еден месец се вратил кај своите најблиски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости