Најризичните ќе останат заштитетни, вели Филипче за препораката хронично болните да се вратат на работа

by Frosina Fakova

Министерот за здравство Венко Филипче, по денеска објавената препорака на Комисијата за заразни болести, хронично болните да се вратат на работа, која нема да важи за лицата кои имаат извештај од специјалист за влошување на болеста, изјави дека дека разгледувале повеќе аспекти кога го дискутирале тоа прашање.

Не е ад хок одлука, посочи министерот, туку е резултат на дискусија која ја водиме на повеќе состаноци веќе изминатите повеќе од три недели.

– Суштината е дека практично за сите економски оператори, за сите компании и сите организации има протоколи по кои се работи. Премногу е широка листата во наши услови на хронични болести, луѓе кои имаат практично сосема нормални животни активности и никако не се доведуваат во ризик доколку ги почитуваат протоколите на своите работни места. Во таа смисла е донесена одлуката да се даде препорака пациентите кои имаат дијагноза хронична болест и оние кои имаат малигни болести, практично се вратат на своите работни места. Не одат на работа само тие кај кои лекарот специјалист ќе укаже дека има состојба што се вика егзацербација, односно влошување во рамки на хроничната болест и истата бара некаков акутен третман. Притоа и е дополнителен ризик по здравјето на пациентот. Тоа е препораката, оставаме на стручноста, експертизата на лекарите специјалисти да направат соодветна проценка, објасни Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по одбележувањето на десетгодишнината од именувањето на Градска општа болница „8 Септември“.

Според него, најризичните категории и натаму остануваат заштитени.

Во однос на препораката трудниците да бидат ослободени од работа, Филипче посочи дека тие се категорија за која се уште нема доволно стручни сознанија како и дали вирусот можеби влијае на развојот на плодот и од претпазливост за нив се продолжува оваа мерка.

– Сметаме дека кај родилките е доволен ризик фактор пуштањето на останатите возрасни групи во градинките и за оваа категорија може да се почека, може да се обезбедат и средства преку Министерството за труд и социјална политика што ќе се трансферираат во Фондот за здравствено осигурување за исплата. Ова е категорија која и понатаму ќе ја мониторираме до нова година, па ќе видиме како ќе биде состојбата, рече Филипче.

Како што додаде, дополнително во наредните денови ќе се дискутира и ќе се донесе одлука за родителите на деца до 10 години кои сега се ослободени од работа.

Поврзани новости