Најнови резултати: Иванов во водство пред Пендаровски

by Фокус 20:45
20:45

Различни информации за резултатите од изборите пристигнуваат од изборните штабови и од Државната изборна комисија, но, според досега обработените податоци од избирачките места, претседателскиот кандидат од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов е во водство пред кандидатот од СДСМ Стево Пендаровски.

Во изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ предмалку се појави Ѓорге Иванов, а во партијата владее победничка атмосфера. На прес-конференција се огласи Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, кој што денешниот ден го прогласи за „ден на демократијата“.

- Advertisements -

„Во вториот круг од изборите очекуваме уште поубедлива победа“, рече тој.

Според аналитичкиот центар на ВМРО-ДПМНЕ, од обработени 79 отсто избирачки места, Иванов има 381.000 гласови, а Пендаровски 273.000 гласови. Убедлива победа ВМРО-ДПМНЕ прогласи во Штип, Охрид, Гази Баба, Прилеп, Аеродром, Велес, Свети Николе и Битола.

По завршувањето на прес-конференцијата, како што неофицијално дознава „Фокус“, револт изразил Амди Бајрам, бидејќи Ѓорчев не го спомнал Шуто Оризари, а таму Иванов наводно остварил најголема победа од 5 спрема 1.

Според СДСМ пак, разликата во гласовите меѓу Иванов и Пендаровски е нешто потесна. Според опозициската партија, од речиси половина обработени избирачки места (1.645), претседателскиот кандидат од СДСМ Стево Пендаровски добил 165.000 гласови, а кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов 210.000 гласови.

Според официјалната веб-страница на Државната изборна комисија пак, обработени се 466.525 гласачки ливчиња. Од нив, 241.024 гласови се за Иванов, 168.484 за Пендаровски, 28.006 за Илјаз Халими од ДПА и 16.440 за Зоран Поповски од ГРОМ.

Поврзани новости