Најмногу новозаразени од Прилеп се млади: Ја пренесуваат болеста на повозрасните од семејствата

by Fokus

Во последните неколку дена е забележан значителен пораст на новозаразени во Прилеп, што ги загрижува здравствените власти од овој град.

Како што не информираат од ЦЈЗ Прилеп, сето тоа се должи на непочитувањето на мерките, како што е случај и во целата држава.

„Зголемениот број на заразени во Општина Прилеп се должи пред се на тоа што вирусот е широко распространет и можноста за заразување е голема. Во прилог на тоа е и фактот што најголем број од заразените не знаат од кого и каде ја добиле инфекцијата. Меѓу заразените е се поголем бројот на млади лица кои најчесто се асимптоматски или со благи симптоми и болеста ја пренесуваат на повозрасните членови од  семејствата. Сето ова зборува дека не се почитуваат доволно мерките за заштита од КОВИД-19“, велат од Центар за јавно здравје Прилеп, каде вчера беа дијагностицирани 33 новозаразени.

Вкупната бројка на инфицирани од корона вирус во нашата земја од почетокот на епидемијата до вчерашниот ден изнесува 26954, бројката на оздравени пациенти е 18627, на починати е 919, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 7408.
Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости