Најмногу манипулации со субвенциите во овчарството

by Fokus 14:06
14:06

Зошто кај дел од субвенциите резултатите воопшто не се видливи, односно субвенционираме нешто за што немаме производство и дали е потребна реогранизација на моделот. Ова се двете клучни прашања на кои, како што рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, одговори ќе треба да даде Агро советот.

Агро советот денеска ја одржа конститутивната седница, а неговата улога е преку широка, конструктивна дебата да предлага конкретни, реални решенија за земјоделството.

Субвенционирањето и воведувањето нов, транзицски модел на поддршка ќе бидат теми и на утрешната седница на владиниот Економски совет што ја најави Николовски.

-Новиот, променет, транзициски концепт на поддршка треба да ги елиминира сите можни манипулации во делот на субвенционирањето. Најголем дел се констатирани официјално, од надлежни институции, во овчарството, но и во многу други сектори. Овој концепт треба да даде одговор на прашањето зошто кај дел од субвенциите резултатите не се видливи во производството. Со реорганизирање на моделот, целта е остварување на посакуваните ефекти од поддршката што се дава. Сега е моментот да го понудиме тој концепт, генералните правци утре ќе ги дискутираме на владиниот Економски совет, но за деталите тука, на Агро советот, сите заедно ќе ги договориме, истакна министерот во обраќањето на конститутивната седница.

Николовски напомена дека приоритет ќе се стави на производителите кои професионално се занимаваат со земјоделство и на кои тоа им е единствениот приход. За нив се планира долгогодишен сериозен пакет за поддршка кој ќе се разликува од другите и кој ќе може да се користи во секој момент со една апликација или бизнис план.

-Другата крупна новина е воведување основна и дополнителна субвенција врзана со производството кое ќе треба да биде предадено. Верувам дека до први септември ќе ги затвориме сите овие прашања. Кај Владата има расположение, но треба да го поминеме претходно консултативниот процес со сите засегнати страни, потенцира министерот Николовски.

Поврзани новости