Најмалку шест луѓе загинаа по земјотресот во Еквадор, има многу урнатини, уништени се автомобили

by Fokus

По силниот земјотрес со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата скала кој денеска го погоди Еквадор потврдено е дека има и загинати.

Засега е потврдено дека животот го загубиле шест лица, меѓу кои и едно дете.

Ројтерс јавува дека земјотресот се случил во морето недалеку од брегот на Еквадор, на длабочина од околу 75 километри.

Милиони луѓе го почувствуваа, а беше толку силен што се почувствува и во соседниот Перу. Три лица, меѓу кои и едно дете, загинаа кога врз нив се урна куќа во Макала.

Уште едно лице загина во градот Квинс кога врз неа паднало парче куќа додека била во нејзиниот автомобил.

Уште две лица загинаа во областа Балао. Во Пуерто Боливар, две згради, вклучително и музеј, се лизнаа во морето, но нема извештаи за загинати или повредени.

На видеата се гледа како луѓето во паника трчаат по улиците веднаш по силниот земјотрес што го погоди јужноамериканскиот брег.

Катастрофален земјотрес го погоди Еквадор во 2016 година, со јачина од 7,8 степени.

Тогаш речиси 700 луѓе загинаа, а повеќе од 16.600 беа повредени.

Поврзани новости