Најмалку два метри растојание меѓу патниците при јавен превоз

by fokus

Министерството за транспорт и врски во континуитет презема мерки и активности за одвивање на превозот на стока и патници во внатрешниот сообраќај, како и транспорт на стока во меѓународниот сообраќај во услови на вонредната состојба, велат од министерството.

Заради заштита на јавното здравје на граѓаните, а како резултат на преземање на мерки за спречување на ширење на корона вирусот, на предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата на последната седница донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за превоз во патниот сообраќај за време на вонредна состојба.

– Со оваа Уредба со законска сила, прецизно се уредува начинот на превоз на патници во внатрешниот сообраќај во услови на траење на вонредната состојба и истата гласи: При вршење на јавниот превоз на патници, за време на траење на вонредната состојба, превозникот во возилото е должен да го организира превозот со задолжително одржување на растојание од најмалку два метри меѓу патниците и може да има најмногу 50 проценти патници од вкупниот број на седишта, несметајќи го седиштето на возачоот, се појаснува во соопштението од Министерството за транспорт и врски.

Претходно, оваа мерка беше во вид на препорака за сите кои вршат превоз на патници.

Во наредниот период, се до траење на вонредната состојба, се подвлекува, Уредбата за организација на начинот на превозот има сила на Закон и сите кои вршат превоз на патници мора да го организираат превозот на начин кој е пропишан во споменатата Уредба.

– Потенцираме дека носењето на оваа Уредба има за цел да се заштити здравјето на граѓаните и да се влијае на спречување на ширење на корона вирусот. Министерството за транспорт и врски и другите надлежни институции се во постојана комуникација и координација со транспортните здруженија и навремено се преземаат мерки и препораки за да се обезбеди непречено фукционирање на транспортот на стока и превозот на патници, стои во соопштението од Министерството за транспорт и врски.

Поврзани новости