Најмалку 20 жртви во експлозиите во Екваторијална Гвинеја

by fokus

Најмалку 20 лица загинаа денеска во серијата силни експлозии во градот Бата, во Екваторијална Гвинеја, јави локалната телевизија ТВГЕ.

Се уште не е позната причината за експлозиите.

Локалната телевизија прикажа група луѓе како извлекуваат тела од купиштата урнатини, од кои некои беа однесени завиткани во чаршафи, пренесуваат британските медиуми.

Локалниот ТВГЕ бара од луѓето да даруваат крв затоа што локалните болници во таа централноафриканска земја се пренатрупани со пациенти.

Камиони преполни со преживеани, меѓу кои и многу деца, се пренесени пред локалната болница каде некои од нив се снимени како лежат на подот.

Во областа на експлозијата, многу покриви се откинати од трошните и полуразурнати куќи, од кои на повеќето им останаа само ѕид или два. Луѓето трчаа во сите правци, а многумина врескаа, наведуваат британските медиуми.

Столб од густ чад се крева високо во воздухот од местото на експлозијата, а пожарникарите се обидуваат да ги совладаат пламените јазици.

„Со загриженост го следам развојот на настаните во Екваторијална Гвинеја по експлозиите во градот Бата“, напиша на Твитер шпанскиот министер за надворешни работи Аранка Гонзалес Лаја.

Шпанската амбасада во Малабо ги повика своите граѓани да останат во своите домови.

Поврзани новости