Најдобар реализиран проект од областа на туризмот за 2019 година

by fokus

Оваа година, признанието за најдобар реализиран проект од областа на туризмот за 2019 година, кое традиционално се доделува од страна на Министерството за економија на Република Северна Македонија, му припадна на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК).

Во рамки на проектот идентификувани се 10 туристички дестинации во нашата држава, за кои се изработени посебни Планови за развој на туризмот каде што се утврдени недостатоците, проблемите и предизвиците со кои се соочува македонскиот туризам.

Активностите на проектот се насочени кон надминување на утврдените недостатоци и за таа цел проектот поддржува потпроекти кои што ги спроведуваат релевантни чинители како што се општини, музеи, туристички асоцијации, но и микро и мали претпријатија кои работат во секторот туризам, а со кои се финансираат активности за создавање на нови и подобрување на постојните туристички производи и за подобрување на инфраструктурата кои се клучни за надградба на квалитетот на атракциите, туристичките локалитети и за подобрување на севкупното доживување на туристите кои ја посетуваат земјава.

Светски ден на туризмот

Секоја година на 27-ми септември во организација на Светската туристичка организација при Обединетите Нации (UNWTO) се одбележува Светскиот ден на туризмот.

Целта на овој ден е да се подигне свеста за улогата на туризмот во меѓународната заедница и да се покаже влијанието на туризмот врз социјалните, културните, политичките и економските вредности ширум светот.

Оваа година Индија со својот главен град Њу Делхи е земја домаќин на Светскиот ден на туризмот. Темата на настанот е насловена како „Туризам и работни места: подобра иднина за сите“.

Зголемувањето на придонесот на туризмот во локалниот економски развој и зголемување на бројот на работни места поврзани со туризмот се главните цели на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК).

Владата на Република Северна Македонија вложува во македонскиот туризам

Кабинетот на Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, д-р Кочо Анѓушев, вложува огромни напори за подобрување на конкурентноста на туристичкиот сектор, зајакнување на придонесот на туризмот во локалниот економски развој, како и за унапредување на капацитетите на Владата и на државните институции кои се надлежни за секторот туризам, со што ќе се поттикне развојот на овој сектор и ќе се олесни управувањето со дестинации.

Вкупната вредност на проектот изнесува 21,2 милиони евра, од кои 18 милиони се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА II) на Европската Унија, додека 3,2 милиони евра се придонес на Владата.

Во фаза на реализација се поголем број на потпроекти што содржат активности за обнова на културното наследство, изградба на велосипедски патеки, асфалтирање на улици до туристичките локалитети, подобрување на крајпатната инфраструктура со поставување на информативни табли и урбана опрама, но и други активности кои се од суштинско значење за подобрување на впечатокот на туристите кои ја посетуваат нашата држава.

Како надополнување на овие инфраструктурни активности се спроведуваат и голем број на активности кои се насочени кон градење на капацитетите на вработените во туристичкиот сектор, како и за промоција на македонската туристичка понуда.

Промоција на македонската туристичка понуда

Синоќа, на големата сцена на Македонската Опера и Балет, во присуство на г-дин Никола Бертолини од Делегацијата на Европската Унија и г-ѓа Мелиса Мец од Светската Банка, а во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на туризмот, се промовираа резултатите на потпроектот „Музичко туристичка интерактивна платформа на РСМ“ кој го спроведе Здружението Младински форум за соработка од Скопје, во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност.

На настанот беа прикажани создадените 10 нови видео спотови, со преработените нумери преку кои се промовираат десетте туристички дестинации опфатени во Проектот за локална и регионална конкурентност.

„На еден иновативен начин преку интерактивната платформа на туристите им се овозможува лесен и едноставен пристап до безвременските македонски хитови, а преку видео спотовите и нивно поврзување со клучните туристички дестинации во земјата“ – истакна г-ѓа Антонија Шишак, Директор на Проектот за локална и регионална конкурентност.

Во рамки на потпроектот обработени се 10 оригинални, безвременски музички хитови – македонски евергрини, чии текстови се преведени на 10 странски јазици. За сите композиции искреирани се видео записи сценаристички подготвени соодветно на приказната од текстот на самата композиција. Видео записите ги прикажуваат природните убавини, туристичките локации и атракции на секоја од десетте дестинации.

„Благодарение на овој Проект, на сите инволвирани, донаторот, имплементаторите, и пред се прекрасните професионалци во Проектната канцеларија, успеавме да создадеме вистински македонски бренд, вредност која ќе го афирмира и промовира туризмот како најбрзо растечка гранка во стопанството во последните неколку години и кај нас и во светот. Оваа платформа нема да застане тука. Оваа платформа има големи амбиции. За неа ќе дознаат преку 1000 тур-оператори на Балканот, во Европа и во светот. Оваа платформа ќе влезе во секој телефон и компјутер кај нашите иселеници во дијаспората. Оваа платформа веќе подготвува нови иновации, нови концепти кои ќе ја овозможат нејзината одржливост, таа ќе биде промотор на дестинации и настани, е-сувенирница, водич за туристите, информатор, организатор, забава, активен учесник во настаните, специјален промотор на гурманскиот и винскиот туризам“ истакна г-дин Александар Николоски, претставник на Здружението на граѓани „Младински форум за соработка“.

Со поддршка на околу  60-тина потпроекти, ПЛРК е водечки проект за развој на туризмот во земјата. Проектот е четиригодишна инвестициска програма за подобрување на конкурентноста и иновативноста на туристичкиот сектор. Проектот обезбедува инвестиции, работни места и раст во туристичкиот сектор во целата земја.

Поврзани новости