Најчевска: Мнозинството етнички Албанци не ја препознаваат Македонија како своја држава!

by Fokus

Се уште е актуелна темата за исвиркувањето на македонскиот јазик за време на прославата на 21 година од Рамковниот договор на плоштадот „Скендербег“ во Скопје.

Таквата реакција ја разбрани македонската јавност која го осуди овој потег, а со свој став се произнесе и професорката Мирјана Најчевска.

Таа за „Фокус“ порача дека ваквите моменти се очекувани а за тоа упати критики кон главните политички партии во Македонија.

„Етничката нетрпеливост е нормален продукт на општеството во кое преживувањето на единката зависи од јасно изразената припадност на конкретна етничка група, и во која политичките партии ја користат етничката припадност како основен адут во борбата за освојување на власта. Говорот на омраза на етничките Македонци кон етничките Албанци и обратно има долга историја, и е и денес присутен на многу манифестации иако политичарите внимаваат да не го употребуваат јавно. Едена од манифестациите на етничка нетрпеливост е омразата кон официјалниот јазик на државата“, вели Најчевска.

За да се надминат ваквите проблеми треба да се засукаат ракавите и сериозно да се работи во коренито менување на карактерот на државата.

„Ова е само еден од елементите на многу подлабокиот проблем кој е идентификуван во поголем број научни истражувања според кои мнозинството припадници на албанската етничка заедница во Македонија не ја препознаваат државата Македонија како своја држава, не се идентификуваат со ниту еден од белезите и симболите на државата и немаат никаква лојалност кон истата. Ова е очекуван резултат на делувањето на сите политички партии во Македонија кои со леснотија посегнуваат по етничката различност во борбата за власт. Ваквите случаи треба многу сериозно да се разберат како индикатор на длабоко вкоренет проблем на кој треба да се работи не само со декларативни изјави на политичарите и ad hock медиумско свртување на вниманието, туку во коренито менување на карактерот на државата и разбирањето на граѓанскиот пристап во развојот на демократијата“, истакна Најчевска.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости