Наградата од 500.000 евра за македонските фудбалери е заработена премија

by Fokus

Пишува: Атанас КОСТОВСКИ

За нашето спортско секојдневие, тоа е вистинска сензација – исплатена е премија од 500.000 евра! Фудбалските репрезентативци и стручниот штаб ќе ги поделат овие пари за пласманот во завршната фаза од Лигата на нациите, односно за освојувањето на првото место во групата со Ерменија, Лихтенштајн и Гибралтар и обезбедувањето полуфинален меч со Косово во Скопје, најверојатно следниот март 2020 година!

Некои веќе зедоа дигитрони во рацете, па пресметуваат колку поединечно ќе изнесува наградата, но како и да сметаат, сумата ќе биде прескромна, со оглед на тоа што може да им се случи ако победат во мечот со Косово, а потоа го поразат и победникот од натпреварот Грузија – Белорусија!

В.д. претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, исплатата на премијата ја прокоментира со следните зборови: „со тоа поставивме стандард како ќе работиме и во иднина“!

ЕДЕН МИЛИОН ЕВРА ОД УЕФА ЗА ФФМ!

Некои тоа го толкуваат и како предизборен потег на ФФМ зашто велат дека во овој момент, в.д претседателот Сејдини е и единствениот кандидат за нов претседател, кој ќе биде избран на претстојното собрание што ќе се одржи на 17 март во Охрид!

Лошо е ако биде така, па и натаму ќе се сеќаваме на изборот на Љубисав Иванов, кога имаше дури 5 кандидати за претседател на ФСМ во 1992 година! Познато е дека фудбалската федерација кај нас, како и во многу други држави, е најбогата, располага со најмногу финансиски средства за непречено одвивање на сите програмирани активности.

И исплатената премија, колку и да е висока за наши услови, спечалена е на самиот фудбалски терен! УЕФА и ФИФА имаат ценовници за сите постигнати успеси, благодарение на нивната финансиска дарежливост и кај нас, како впрочем и во сите држави на Западен Балкан и пошироко, се водат вистински поединечни „војни“ да се заседне во престижната претседателска фотелја или да се обезбеди место во Управниот одбор.

За освоеното прво место во веќе споменатата група, во најслабата квалитетна група, отприлика како во фудбалската предшколска натпреварувачка средина, ФФМ доби како награда од УЕФА преку еден милион евра! Ете зошто во нашата спортска финансиска сиромаштија, фудбалското раководство на федерацијата без проблеми го реализира ветеното – за постигнатиот успех подели награда од 500.000 евра!

Но, како сега да се протолкуваат искажаните зборови на в.д. претседателот Мухамед Сејдини „ФФМ ја исплати премијата за пласман во завршната фаза од Лигата на нациите и со тоа поставивме стандард како ќе работиме во иднина“?

Пред почетокот на новиот квалификационен циклус за ЕП 2020, во кој нашата фудбалска репрезентација, сега за првпат како Северна Македонија, има дури две шанси за пласман на завршниот турнир, реченото на в.д. претседателот Сејдини треба да се дообјасни, или поточно, да се прецизираат наградувачките „стандарди“.

Се надеваме дека една од двете шанси успешно ќе биде реализирана, првата (потешката) преку квалификациите со Полска, Австрија, Израел, Словенија и Литванија, или втората, по натпреварите со Косово и Грузија (Белорусија), па тогаш за пласман на ЕП нашата фудбалска федерација ќе инкасира од УЕФА 9,5 милиони евра!

Значи ли тоа, според „поставениот стандард“ на в.д. претседателот Муамед Сејдини дека 50 отсто од наградата (4,75 милиони евра) ќе изнесува премијата за пласман на ЕП?

УБАВА ФИНАНСИСКА МАТЕМАТИКА

Да, почитувани читатели, некој од Вас веќе пресметува поединечно колку тоа ќе изнесува, но веднаш сетете се дека тоа ќе биде речиси „само“ половина од неделната казна (225.000 евра) на голманот на Челзи Кепа Аризабалага за неговата непослушност кон тренерот Маурицио Сари на куп натпреварот со Манчестер сити.

Така стојат работите во светскиот професионален фудбал, дај боже в година ФФМ да исплати премија од преку 4 милиони евра, најмалку барем толку ќе останат и во касата на федерацијата! И многу повеќе, зашто ЕП си има свој ценовник, од пласманот на првенството, па сѐ до финалниот натпревар, прашање е само до каде евентуално би стигнале нашите репрезентативци.

Новиот европски шампион, на претстојното првенство што ќе се одржи во 12 европски држави, односно градови (Санкт Петербург, Амстердам, Баку, Билбао, Букурешт, Будимпешта, Копенхаген, Даблин, Глазгов, Минхен, Рим и Лондон, каде што ќе се играат полуфиналните натпревари и финалниот меч) има шанси да заработи дури 34,5 милиони евра, финалистот 3 милиони помалку!

Ако сме кадарни, односно ако искористиме една од двете шанси, тогаш и нашите фудбалери ќе имаат шанса да ги почувствуваат сите привлечности на големата европска сцена – во групната фаза победата се вреднува со 1,5 милиони, за нерешен исход се заработуваат „само“ 500.000 евра!

Секој европски фудбалски степеник е покриен со нови милиони евра, за пласман во полуфиналето 2 милиони, за четвртфиналето 3,25, а пласманот во полуфиналето носи дополнителни 5 милиони евра!

Убава е оваа математика за нашите фудбалски работници, особено сега по кривичната пријава од Управата за финансиска полиција за даночно затајување, а во пресрет на Собранието и изборот на нов претседател на ФФМ на 17 март во Охрид.

Поврзани новости