Награда од 100.000 евра нудат родителите на детето од Буково, за информација која ќе ги одведе до човекот кој се обидел да го киднапира нивното дете!

by fokus

Станува збор за обид за киднапирање на момче на возраст од три ипол години, во битолско Буково, кој се случи завчера. Детето сега е добро, а родителите мене ме замолија да ја објавам веста дека нудат награда од 100.000 евра за оној кој ќе каже информација со која ќе биде фатен сторителот – за ,,Фокус” раскажува Горан Кабровски, претседател на Месната заедница Буково.
Тој ги објави деталите за настанот на социјална страница посветена на Буково.

Како што појаснува, семејството чие момче во средата исчезнало од дома, биле нашинци кои живееле и работеле во Германија. Се вратиле во Буково и се подготвувале да прават крштевка за помалото дете.

-Случајот е пријавен во полиција, направен е записник, лекарско, се што треба… Детето, фала му на Бога е добро. Во средата, во 11.40 часот го снема, по што жителите започнавме да го бараме. Го најдовме во 14 часот, во близина на куќата, а на истото место пред тоа неколкупати пребаравме.

Детето кажа дека непознат чичко го зел за рака од дворот, го одвел во шумата, кога луѓето почнале да го бараат, му рекол да молчи ако сака да го однесе кај татко му, и се скриле во грмушките. Потоа, момчето беше пронајдено на сред река, во водата, каде што го киднаперот оставил – вели Кабровски.

Тој апелира до јавноста да си ги чува децата, и сака да се сподели веста насекаде. Им порачува на жителите, доколку забележат непознато лице, да го запрат и да го распрашаат каде оди, што бара, бидејќи, тврди дека никој не лута туку-така по улиците.

,,Фокус” се обиде да стапи во контакт со портпаролите од СВР Битола, со цел да добиеме повеќе информации околу случајот, но до објавата на веста тие не одговорија на нашите телефонски повици.

Вики Клинчарова

Поврзани новости