Надомест за трето дете ќе земат и оние родители кои ќе добијат принова во рок од 10 месеци по укинувањето на мерката

by fokus

Надомест за трето дете, кој изнесува 8.000 денари и се исплаќа во период од 10 години, ќе продолжат да земаат сите родители кои веќе го оствариле ова право, но и оние кои по укинувањето на оваа мерка, во рок од 10 месеци, ќе добијат принова, односно трето дете.

„За сите оние коишто го оствариле правото досега и оние коишто ќе го остварат правото во наредните 10 месеци по носење на законот за да може да го родат детето што веќе е зачнато, ќе го остваруваат правото уште 10 години по стариот закон. По овој период и понатаму ќе продолжиме со еднократна исплата за прво, второ и трето дете, појасни министерката Царовска, одговарајќи на пратеничко прашање.

Таа појасни дека наместо државата да дава по 8.000 денари на граѓаните кои имаат доволно пари и богатите, парите ќе се насочат кон сиромашните кои вистински имаат потреба од поддршка. Министерката истакна и дека државата мора да ја менува политиката кога станува збор за наталитетот бидејќи досегашните субвенции не ги дале очекуваните резултати.

-Затоа што сакате да дискутирате за наталитетот кој во ваше време драстично опадна и по воведувањето на мерката јас ќе мора да ви ги цитирам податоците. Наталитетот во Македонија во 2010 година бил 11, 8%, а во 2017 10,1%. Вашата мерка за десет години не даде резултати. Јас велам дека не е добра мерка. Дури и други фактори да влијаеле на наталитетот во државата вашата мерка барем ќе го одржеше наталитетот, но наталитетот драстично опаѓа“, рече министерката Царовска, одговарајќи на пратеничко прашање поставено од Трајко Димков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости