Наде Стојилковиќ, авторка: Пишувањето извира од моето срце, најважно е што луѓето ме прифатија како своја!

by Fokus

Пред извесен период од печат излезе новата книга на авторката и новинарка, Наде Стојилковиќ, насловена како „Тајната на Алексови“, во издание на Сакам книги.

„Тајната на Алексови“ е семејна сага на три генерации жени и уште едно емотивно парче од рацете на Стојилковиќ.

Таа во интервју за „Фокус“ ни раскажа повеќе за нејзиното најново дело и творечката филозофија.

Оваа моја нова книга е основата и секако е вистинска приказна, но за разлика од „Ќерката на дрвосечачот“, каде што 70 отсто е вистинска приказна а 30 отсто фикција, овде процентот е обратен – 30 отсто е вистинска приказна, а 70 отсто е фикција“, вели Стојилковиќ.

Очекувањата и за ова нејзино дело се на високо скалило, но Стојилковиќ вели дека никако не очекувала дека нејзината прва книга „Ќерката на дрвосечачот“ ќе предизвика такви позитивни реакции и четврто издание. Ни на сон не помислувала на такво нешто, додава таа.

Не очекував таков успех на мојата прва книга. Кога веќе се договоривме, а се траеше само неколку часа, јас бев пресреќна што „Ќерката на дрвосечачот“ конечно ќе добие облик на книга и тогаш велев: и само на 20 луѓе да им се допадне, значи таа си ги пронашла своите читатели. Но како таа вртоглаво се продаваше, буквално без никаква реклама, единствено со една прекрасна промоција што исто така ја организираа Сакам книги, и кога следев како недела по недела беше на прво место по продажба, бев навистина премногу изненадена“, вели нашата соговорничка.

Книгите на Наде Стојилковиќ изобилуваат со емоции и прекрасни приказни. Но, кој е изворот на тие емоции во нејзините книги?

Секако, прво луѓето кои сум ги среќавала во текот на мојот живот, потоа новинарскиот живот кој ми овозможи да запознавам многу луѓе, но претпоставувам дека таа емотивност е вткаена и во мојата душа. Не можеш да доловиш како некој се чувствува во некој миг на радост или на тага, ако не се внесеш и самиот, ако не се почувствуваш токму така како што треба да го доловиш чувството и потоа да го пренесеш до читателите – буквално да го допре до срце секој што ја чита книгата“, смета авторката.

Според неделните статистики на издавачката куќа „Сакам книги“, новиот роман на Стојилковиќ е еден од најпродаваните. Таа вели дека таквиот податок и тоа како и годи.

Ме радува тоа премногу. Нема да бидам лажно скромна и да речам, па добро, ете, читаат… Ќе си кажам искрено, бидејќи јас едноставно сум таков тип на човек, дека секој прочитан коментар, секој убав збор напишан за книгите, секоја објавена фотографија од моите книги ме прави и премногу среќна. Најважно ми е што луѓето преку книгите ме прифатија како своја, што ми се обраќаат како да се знаеме сто години, а со повеќето од нив сме само виртуелни пријатели“, истакна Стојилковиќ.

Таа додава дека ги сака дружбите со луѓето, додавајќи дека на таквите средби запознала прекрасни луѓе кои и се многу драги.

Стручната критика од високите книжевни имиња секогаш е поттик за еден автор за неговото творештво. Една таква била од професорот по книжевност, Петар Јанчев.

Две стручни рецензии, уште пред да излезе „Ќерката на дрвосечачот„ пред години, добив од д-р Васил Тоциновски и Горјан Петревски, со кои и конкурирав, на што сум многу горда. Откако излезе книгата претежно читателите пишуваа за неа како ја доживеале, а најмила ми беше критиката од професорот по книжевност Петар Јанчев, кој книгата ја добил на подарок токму за Петровден, ден со кој на некој начин започнува дејствието во романот, и кој покрај сите други убави зборови мојот главен лик Дана го спореди со Велика од Пиреј, од за мене омилениот великан Петре М. Андреевски“, посочи таа.

Творечката филозофија е важно да извира од срцето и секоја буква и збор да допрат до читателите, вели нашата соговорничка.

Моето пишување доаѓа од мојата душа. Секој буква, секој интерпункциски знак што ќе го ставам, сето тоа извира од моето срце… Јас едноставно чувствувам потреба да го ставам на хартија, да ја пренесам понатаму приказната токму до оние читатели кои ќе сакаат да ја прочитаат… Дали се тоа двајца, 20, 2000… Не размислувам на тоа, само нека ја читаат вистинските читатели кои ќе ги доживеат сите емоции што јас сум ги ставила на хартијата“, додаде Стојилковиќ.

За себе вели дека е голем емотивец и се сочувствува со болките на луѓето, па можеби е тоа „скриеното“ во нејзините приказни.

Јас имав убаво детство за моја среќа, двајца браќа и три сестри, прекрасни родители кои не научија многу да се сакаме меѓу себе, и до ден денес е така, а така ние ги учиме и нашите деца… Но има една друга работа – јас сум добар слушател. Кога луѓето ми раскажуваат за нивните болки, за тоа што им се случило во животот, јас внимателно ги слушам и сочувствувам со нив“, смета таа.

Таа долги години е во новинарската професија, па и како што вели, можеби истата не и дозволила поактивно да се вклучи во литературната дејност.

Со пишување се занимавам уште од дете, добивав награди за детски творби, во 2008 година ја добив втората награда за расказ во МАНУ. Јас никогаш не престанав со пишување, но повеќе за своја душа. Бев презафатена, во мојата новинарска кариера, особено последните 10-11 години уредував, преведував и лекторирав осум магазини, работев по 20 часа дневно. Па можеби тука беше недоволното ангажирање за литературната дејност, а можеби и едноставно бев малку повеќе инертна отколку што требаше, па си наоѓав оправдување во презафатеноста и не се ангажирав доволно“, ни раскажа авторката.

За да се биде добар автор, мора да се читаат многу книги од секаков жанр. Сепак, Стојилковиќ вели дека класиката и е број еден.

Јас читам целиот мој живот, не паметам ден да не сум читала, дури и кога сум лежела во кревет многу болна, со грип и температура или со тешки напади на бубрег, или што и да е. Лекот мене секогаш ми е во книгите. Јас читам се, освен книги за самопомош, езотерија, СФ. Класиката ја обожавам, особено руската, и мислам дека имам исчитано речиси се, но сакам и современи романи. Бидејќи сум по драмите, сакам да читам драми, но морам да си признаам искрено, кога пишувам, во тој период читам исклучиво трилери, иако не се плашам од ничие влијание врз моето пишување, сепак не сакам таква комбинација“, додаде таа.

Што се однесува до препораките, помладите ги советува да читаат книги од Горјан Петревски, Видое Подгорец и култните детски книги „Децата од Павловата улица“, „Возот в снег“, „Село зад седумте јасени“, „Сибирка“, „Хајди“.

Стојилковиќ е скромна личност, па како што вели, се уште не се смета за писател затоа што таквата титула многу „тежи“.

Се уште сум автор. Кога во неколку пригоди ме нарекуваа писателка, јас велев јас сум новинарка, сепак 27 години во новинарството не се бришат така лесно. Е, сега нормално, не „бегам“ од фактот дека сум и авторка на две, односно на три книги, но едната книга со раскази не е отпечатена, си го чека денот. А за писателка ќе се сметам, па и тогаш не сум сигурна дека ќе биде така, дури по барем 3-4 издадени романи!“, ни посочи таа.

Повеќето автори имале некаков вид на водич низ животот за „заразата“ наречена пишување. Така и нашата соговорничка ни раскажа за тоа како од најмлади години го засакала пишувањето.

Имав среќа што имав одличен учител од прво до четврто одделение, кој за жал млад почина, но кој ме описмени и ми ја всади уште повеќе љубовта кон книгите, иако јас веќе „бев заразена од тој вирус наречен книги“. Но најголемата заслуга за моето детско литературно творештво му го припишувам на мојот наставник по македонски јазик, Ангел Богатинов, кој се ближи кон девеесетата година, но и покрај тоа ми направи посебна чест и дојде на промоцијата на „Ќерката на дрвосечачот“ во Виница. Притоа кажа и неколку анегдоти за мене и за моето детство, за тоа како на сред негов час пишував песни со креда на училишните клупи“, го заврши разговорот Стојилковиќ.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости