Над 90 отсто од Грците за Велигден ќе останат дома и нема да одат во црква

by Fokus 08:18
08:18

Над 90 проценти од Грците за Велигден ќе останат дома и нема да одат во црква, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од агенцијата за рејтинг „ MARC“ за грчката телевизија „Алфа“.

На прашањето „Што ќе прават за Велигден?“, 91,6 отсто од анкетираните одговориле дека ќе останат дома, шест проценти дека ќе бидат дома со блиски роднини, а само 0,9 отсто рекле дека ќе заминат во викендичките или родните места. Додека пак 90,2 отсто, рекле дека нема да одат во црква.

- Advertisements -

Доколку резултатите од анкетата се потврдат и во пракса, тогаш ќе значи дека мнозинството од Грците ќе ги послушаат препораките од Владата и нема да ги прекршат мерките за забрана на движењето, а свечената литургија зад затворени врати во црквите ќе ја проследат од дома, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на владините мерки, 80,4 отсто од анкетираните велат дека рестриктивните мерки биле неопходни, а 75,9 отсто ги оценувааат позитивно економските мерките за поддршка на бизнисите и вработените.

Професорот епидемиолог Сотирис Циодрас, кој секојдневно, на попладневните прес конференции во Министерството за здравство на Грција, ги информира граѓаните за последните податоци со коронавирусот во земјата е особено популарен меѓу Грците и 94,6 отсто од анкетираните има позитивно (или веројатно позитивно) мислење заедно.

Конкретната прес конференција на Циодрас и заменик – министерот за цивилна заштита ја следат 66,7 проценти од граѓаните.

На политичката сцена во Грција, согласно истражувањето на јавното мислење, Нова демократија е во предност од 23,3 отсто пред СИРИЗА, а 63,1 процент од анкетираните смета дека Кирјакос Мицотакис е посоодветен за премиер во споредба со Алексис Ципрас, наспроти лидерот на СИРИЗА, кој добива 19,1 отсто.

Истражувањето на агенцијата за „ MARC“ за грчката телевизија „Алфа“, било спроведено од 11 до 13 април 2020 година и биле вклучени 1.020 домаќинства преку телефонски интервјуа.

Поврзани новости