Над 40 милиони заразени од корона вирус во светот

by Fokus

Бројот на заразени со корона вирус во светот денеска надмина 40 милиони луѓе. Евиденцијата е заснована на податоци објавени од одделни земји, но експертите сметаат дека стапката на смртност и заразеност е далеку поголема од официјалната поради недоволно тестирање и пријавување.

Рекорден дневен број на заразени се случи кон крајот на минатата недела кога тој број се искачи над 400.000 за првпат во светот.

Во изминатата недела секој ден просечно се заразувале околу 347.000, а во првата недела од октомври 292.000.

САД, Индија и Бразил остануваат трите земји кои се најпогодени од Ковид-19.

Северна, потоа Централна и Јужна Америка заедно сочинуваат околу 47,27 проценти од сите заразени луѓе во светот, што е речиси половина.

Европа во моментов сочинува 17 проценти од сите заразени луѓе во светот и речиси 22 проценти од сите жртви на Ковид-19.

Повеќе од 150.000 луѓе се заразуваат во Европа секој ден. Многу земји, вклучувајќи ги Италија, Холандија, Германија, Австрија, Полска, Украина, Кипар и Чешка, објавија рекордни дневни бројки на заразени.

Европските земји повторно ги засилуваат мерките, воведуваат делумно затворање, а Франција воведе полициски час.

Во Индија, бројот на заразени во саботата беше 7,43 милиони луѓе, а бројот на активни заразени падна под 800.000, првпат по месец и половина.

Иран е најтешко погодена земја од пандемијата на Блискиот исток и ги прошири ограничувањата и затворањата во Техеран веќе трета недела. Бројот на починати од Ковид-19 во Иран е повеќе од 30.000.

Од почетокот на пандемијата, 1,1 милиони луѓе починаа од последиците на таа болест, а вкупната смртност е околу 2,8 проценти.

Поврзани новости