Над 203.000 граѓани направиле увид во избирачкиот список

by fokus

Над 203.000 граѓани направиле увид во Избирачкиот список во период од 20 дена. Рокот, за јавен увид истече синоќа на полноќ. Електронски, според податоците на Државната избора комисија (ДИК), направени се 203.191 проверка, додека во подрачните одделенија и канцелариите на ДИК увид извршиле вкупно 21.594 граѓани.

– Во овој период донесени се 65 решенија за запишување во Избирачкиот список, 22 решенија за бришење и 133 решенија за промени на податоци во Избирачкиот список. Во рок од 5 дена по завршувањето на јавниот увид, односно најдоцна до 14 септември, Државната изборна комисија ќе го достави Избирачкиот список на увид на политичките партии – велат од ДИК.

Политичките партии во рок од пет дена од добивањето на Избирачкиот список, односно најдоцна до 19 септември, можат до ДИК да поднесат барања за запишување, бришење или промени на податоци. По овие барања ДИК ќе одлучи во рок од три дена.

Избирачкиот список во кој се вклучени сите промени кои произлегле од јавниот увид, ДИК ќе го заклучи најдоцна до 24 септември.

Оттаму потсетуваат и оти рокот за поднесување на листи на кандидати за градоначалници и членови на советите истекува на 14 септември во 24:00 часот. Листите се поднесуваат до надлежните општински изборни комисии.

Поврзани новости