Над 20 приведени по синоќешниот протест во Солун против договорот од Преспа

by fokus

До доцна синоќа траеја инцидентите во центарот на Солун по протестот против Договорот од Преспа. Според локалните медиуми, над 20 лица се приведени, најмалку две се повредени, неколку лица се пожалиле на проблеми со дишењето поради солзавецот за време на инцидентите, а предизвикана е и материјална штета на продавници и објекти во центарот на градот.

Маскирани лица палеа канти за отпадоци и фрлаа молотови коктели, камења, дрва по полицајците, кои одговорија со солзавец и шок бомби.

Според грчките медиуми, инцидентите ги предизвикале група радикални десничари кои се вмешале со они кои протестираа против Договорот од Преспа.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, непознато лице, учесник во протестите, на еден фоторепортер му се заканил со оружје. Сведок на инцидентот бил фоторепортерот на АНА-МПА, а според неговата изјава, додека траеле инцидентите еден демонстрант се обидел да ја грабне камерата на една снимателка.

Додека траеа инцидентите во центарот на Солун, во непосредна близина на објектот, каде што се одржува Меѓународниот саем, грчкиот премиер Алексис Ципрас одржа говор во рамки на свеченото отворање на саемот.

Поврзани новости