Над 2,6 милиони луѓе имаат македонско државјанство, а само 175 илјади пријавиле дека ја напуштаат земјава

by Фокус

Централниот регистар на население, што денеска беше пуштен во употреба од страна на Министерството за инфроматичко општество и администрација, покажа дека 2.618.391 луѓе имаат македонско државјанство. Како што појасни министерот Дамјан Манчевски, регистарот покажал во земјава има 2.422.484 активни жители, од кои пак 29.885 се странци со пријавено место на живеење во земјава. Иако законски граѓаните се обврзани да го пријават своето иселување во странство, сепак тоа го направиле само 175.553 граѓани.

– Регистарот на население овозможува собирање податоци за физички лица и нивно користење од страна на институциите за потребите на нивните управни постапки. На институциите кои работат со личните податоци на граѓаните им овозможува тука да ги најдат најновите и најпрецизни податоци за граѓаните без потреба од рачно одржување и ажурирање. Системот содржи унифицирани, верифицирани, стандардизирани и валидизирани податоци – рече Манчевски.

Сепак, тој потенцираше дека точната бројка граѓани во земјава треба да ја покаже пописот планиран за април 2020 година, затоа што тој е насочен да ги регистрира и иселените и оние кои се на привремена работа во странство.

Поврзани новости