Над 2.500 барања за амнестија пристигнале во Кривичниот суд, судиите работеле до полноќ

by fokus

Судиите од Кривичниот суд, како и судските службеници, изминатава недела работеле до полноќ, и за време на викендот, само за да го запазат краткиот рок кој им беше даден за изготвување на решенијата за амнестија на затворениците. Како што не информираше претседателот на судот Иван Џолев, на денешниот брифинг, досега до судот се пристигнати 2.500 барања за амнестија, од кои две третини веќе се решени.

-На 26 јануари стапи на сила Законот за амнестија, а на 29 јанари ги добивме првите барања. За нив решенијата беа изготвени во предвидениот рок од пет дена, поради што се работеше до полноќ, бидејќи беше потребно да се направи увид во околу 10.000 пресуди, истакна претседателот Џолев, кој изрази благодарност до целиот судски персонал кој постапувал по барањата и изрази уверување дека за сите барања ќе биде испочитуван рокот за одлучување.

Во текот на денешниот ден пак пристигнале уште 150 нови барања, за кои откако решенијата ќе бидат изготвени ќе се пратат во затворите.

Со Законот за амнестија се ослободуваат од издржување на затворска казна осудените лица на кои им е изречена казна до шест месеци. Оние што добиле над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30 отсто од целокупната казна.

Статистичките показатели покажуваат дека ќе бидат ослободени од издржување на казната затвор приближно 670 правосилно осудени лица осудени на казна затвор до 6 месеци, а на 3.097 лица ќе им биде намалена казната за 30%.

В.В.

Поврзани новости