Над 150 медикамедозни абортуси на ГАК од јануари досега

by Fokus

На Клиниката за гинекологија и акушерство од денеска во функција е целосно реновираната ургентна амбулантна. По тој повод Клиниката денеска ја посети министерот за здравство Венко Филипче.

– Оваа институција во целокупниот изминат период го менаџираше третманот на жените родилки кои беа позитивни на коронавирусот со целосно изолирани делови во делот на амбулантата и интензивното лекување и операционираните сали. Се истакнуваат со години наназад со своја експертиза, знаење, менаџирање и со целокупниот процес што се однесува на здравјето на мајките и бебињата, што се манифестира како еден успех препознаен и од меѓународни институтуции, изјави Филипче.

Посочи дека преполовувањето на новороденечката смртност на Клиниката за период од две години е резултат што го нема ниту една друга земја во светот, што заслужува пофалби и честитки и за менаџерскиот тим на чело со директорката и целокупниот стручен колегиум.

– Оваа реновирана амбуланта дневно опслужува 50 до 60 жени кои доаѓаат за различни состојби во областа на гинекологијата. Има нови CTG апарати со кои се регистрира срцевата активност кај бебињата, нов гинеколошки стол, еден пријатен амбиент да се даде соодветна здравствена услуга. Веќе неколку месеци во функција е амбулантата за медикаментозен абортус и согласно измената во Законот за здравствена заштита во делот на абортус оваа опција сега им се нуди на нашите жени. Со тој закон волјата на жената ја ставивме на прво место, потенцира Филипче.

Тој рече дека изминативе месеци околу 150 жени имале медикаментозен абортус, а 90 имале стандардна оперативна процедура, што значи дека кај 150 жени согласно индикацијата е избегната оперативната процедура и давањето анестезија, што, според него, е значајна придобивка поради тоа што се избегнуваат сите ризици кои се поврзани со оваа интервенција.

– Со реновирањето и унапредувањето на Клиниката, новата опрема, инкубаторите, новите респиратори вклучувајќи ги високофреквентните, евидентни се бројките кои укажуваат на подобрување на сите резултати што се однесува до давањето на здравствена услуга во овој дел, додаде Филипче.

Директорката на Клиниката, Викторија Јовановска рече дека и амбулантата за медикаментозен абортус е реновирана пред неколку месеци. Таа посочи дека во таа амбуланта од почетокот на годината, досега, имало 154 медикаментозни абортуси и околу 90 класични абортуси.

Поврзани новости