Над 100 илјади странци добиле македонско државјанство за 30 години!

Од ноември 1992 година, кога е донесен Законот за државјанство, до денес со македонско државјанство се стекнале над 110.000 лица по пат на природување, велат од МВР за „Фокус“, посочувајќи дека широк е дијапазонот на лица кои поднесуваат барања за државјанство, а потекнуваат од други држави.

by Фокус

Доделувањето на македонско државјанство на контроверзниот украински бизнисмен Олександар Онишченко, откако за него во матичната држава била покрената истрага за корупција, а потоа бил ставен и на црната листа на САД поради мешање во изборниот процес, го отвори прашањето за начинот на кој се доделуваат државјанства во земјава.

Од Министерството за внатрешни работи, кое ја води постапката за издавање на државјанство, побаравме информации колку странци добиле македонско државјанство што го поседуваат до денес, по кој/кои основи тие го стекнале државјанството, кои се државите од каде тие доаѓаат, односно какво државјанство поседувале пред македонското…?

Според нашата евиденција, од ноември 1992 година, кога е донесен Законот за државјанство на Република Северна Македонија, заклучно со 25.11.2022 година, по разни основи предвидени во Законот со државјанство се стекнале над 137.000 лица, од кои над 110.000 лица по пат на природување, а околу 27.000 лица се стекнале со утврдување на државјанство (потекло)“, ни одговорија од МВР.

Од таму објаснуваат дека најчести основи за стекнување на македонско државјанство биле основите со кои тоа им се овозможи на лицата од бившите републики на поранешна федеративна Југославија, кои со сукцесијата останаа да живеат на територија на Македонија. Притоа, од Министерството упатуваат на членот 26 став 3 од Законот за државјанството, кој гласи:

Државјаните на другите републики во СФРЈ кои имаат пријавено живеалиште на територијата на Република Северна Македонија, можат да стекнат државјанство на Македонија ако во рок од една година по влегувањето во сила на овој закон поднесат барање, доколку имаат постојан извор на средства, се полнолетни и до поднесувањето на барањето законски престојувале на територијата на Македонија најмалку 15 години“.

Во овој контекст, од таму наведуваат дека право на државјанство имале „државјаните на другите социјалистички републики со пријавено живеалиште и со „вистинска и ефективна врска со Македонија“, доколку против нив не се води кривична постапка во земјава за кривични дела со кои се загрозува безбедноста и одбраната“. И последно, право на македонско државјанство имаат странци по основ на брак склучен со државјанин на Македонија.

Како матична држава на странците кои аплицираат за стекнување на државјанство на Република Северна Македонија најчесто се државите од поранешна СФРЈ, но широк е дијапазонот и на лица кои поднесуваат барања за стекнување на државјанство на Република Северна Македонија, а потекнуваат од други држави“, велат од МВР, без да откријат од кои држави доаѓаат странците што добиле македонско државјанство.

Воедно, од таму напоменуваат дека од над 110.000 лица кои стекнале државјанство, за околу 35.000 лица еден од условите е „приемот во државјанство да не ја загрозува безбедноста и одбраната на Македонија“, додека останатите лица постапките ги воделе по основ за кои Законот не го предвидува овој услов или пак во моментот на поднесување на барањето биле малолетни.

Инаку, Законот за издавање на државјанства, донесен пред 30 години, предвидува стекнување на државјанство по пат на раѓање, потекло, природување. Според првиот основ на раѓање, државјанство стекнува дете кое е најдено или родено на територијата на Македонија, чии родители се непознати или се познати ама без државјанство.

По основ на потекло, пак, македонско државјанство стекнува дете чиј еден или двајца родители се македонски државјани. Најчесто, детето кое стекнува македонско државјанство е родено во земјава, но има и родени во странство. Поточно, дете родено во странство на кое едниот родител во моментот на раѓањето е македонски, а другиот странски државјанин, со потекло стекнува државјанство на Македонија.

Во овој случај, услов е до наполнети 18 години да биде пријавен за запишување како државјанин на Македонија или до наполнети 18 години постојано да се насели во Македонија. Исто така, под овие услови македонско државјанство може да стекне и лице кое не е пријавено од двајцата родители со наполнети 18 години, доколку поднесе пријава за упис во државјанство на Македонија до навршени 23 години.

Сепак, странци без никакви македонски корени стекнуваат македонско државјанство преку третиот основ на природување, ако наполнил 18 години, ако го владее македонскиот јазик до ниво да се разбере со околината, ако постојано живее на територијата на Македонија најмалку 7 години, ако има обезбедено стан и постојан извор на средства за егзистенција, ако не бил казнуван со казна затвор во траење од најмалку една година и против него да не се води кривична постапка…

Арно ама, одредени категории на граѓани имаат право на македонско државјанство и без да ги исполнуваат сите наведени услови. Имено, во ситуации кога тоа преставува „особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес“, странец може да се стекне со државјанство, со тоа што единствено мора само има наполнето 18 години и да не ја загрозува безбедноста и одбраната на Македонија.

Токму врз основа на оваа одредба, македонско државјанство му било издадено на Онишченко, за кого Владата дала позитивно мислење, откако претходно позитивно мислење доставиле четири институции – Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за млади и спорт, Федерацијата на коњички спортови и Олимпискиот комитет. По избивањето на скандалот, отпочна постапка за одземање на неговото државјанство, поради погрешно дадени податоци.

Државјанство се издава врз основа на одобренија од релевантни институции, при што Владата бара мислење од истите пред да донесе каква било одлука. При носењето на одлуката лицето да добие државјанство, Владата се водеше од добиените позитивни мислења од релевантните институции. Во вакви случаи, не се утврдува познавањето на јазикот на државата, согласно постапката лицето не полага, бидејќи станува збор за спортист“, ни изјавија од Владата.

Влатко Стојановски

Поврзани новости