Над 10.000 сообраќајки годишно се решаваат со Европски извештај

by Fokus

Меѓу 10 и 16 илјади сообраќајни несреќи годишно во изминатите шест години се решени преку примена на Европски извештај. Бројот на несреќи решен на ваков начин, од година во година се зголемува, покажува статистиката на Националното биро за осигурување. Според нивните податоци, во 2012 година со примена на Европски извештај се решени 10.908 сообраќајни несреќи, во 2013 – 12.571, во 2014 – 13.148, во 2015 година 13.541, во 2016 – 13.044 и во 2017 година таа бројка изнесува 16.614.

Европскиот извештај се пополнува  во случај на сообраќајна незгода со мала материјална штета и го пополнуваат учесниците во сообраќајната незгода. Европскиот извештај не се пополнува и не се потпишува во случај на сообраќајна незгода во која има повредени, загинати и во сообраќајна незгода во која настанала голема материјална штета.

Возачите кои учествуваат во сообраќајната незгода во која е предизвикана мала материјална штета, кои пополниле и потпишале Европски извештај за сообраќајна незгода, не се должни за истата да го известат Министерството за внатрешни работи.

Како што објаснуваат од Бирото, меѓу придобивките од користењето на Европскиот извештај се намалување на  сообраќајниот метеж после случена сообраќајна незгода со мала материјална штета, побезбедно одвивање на сообраќајот, брзо и ефикасно обесштетување на оштетените странки, помалку административни процедури и заштеда на време и пари и намалување на можноста за дополнителни санкции.

Европскиот извештај не може да се примени во ситуација на сообраќајна несреќа со мала материјална штета доколку едно од возилата нема регистарски таблици или не е осигурано, едно од возилата има странска регистарска таблица, ако еден од возачите е под дејство на алкохол, дрога или други прихотропни супстанции, еден од возачите не поседува дозвола, на еден од возачите му е запишана прекршочна санкција во возачката дозвола – забрана за управување со моторно возило, еден од возачите одбива да даде свои лични податоци, односно податоци за возилото, еден од  возачите го напуштил местото на сообраќајната незгода и ако возачот сам учествува во сообраќајна незгода.

Европскиот извештај е воведен во 2005 година, но почнува повеќе да се применува од 2010 година.

Поврзани новости