Групата за заштита на човековите права ги објави најновите информации според кои досега се приведени 1.240 лица во 38 градови низ Русија за време на протестите против мобилизацијата.
Независната група за набљудување на протестите ОВД-Инфо објави дека најмалку 489 од тие луѓе биле приведени во Санкт Петербург.
Во Москва се уапсени повеќе од 300 луѓе.
Дописникот на Скај њуз кој беше на протестот во Москва рече дека полицијата многу брутално постапила со демонстрантите.
Како што јави дописникот на Гардијан од Москва, поради демонстрантите полицијата поставила кордон во главниот град на Русија. Тој известува и дека стотици демонстранти протестираат против мобилизацијата, извикувајќи: „Не на војната!“
Во сибирскиот град Иркутск, според локалните активисти, приведени се најмалку десетина од 60-те демонстранти кои се собраа на централниот плоштад.
На социјалните мрежи се шират видеа од граѓани кои протестираат на истокот на земјата – во Новосибирск, Иркутск, Томск и други градови.
Каде и да се појават демонстрантите, покрај редовната полиција, се појавува и интервентната полиција, со шлемови на главите, кои апсат луѓе влечејќи ги или подобро кажано, симнувајќи ги од улиците.
На видеото објавено на социјалните мрежи, се гледа демонстрант во третиот по големина руски град Новосибирск како им вика на полицајците: „Не сакам да умрам за Путин или за вас!“