На првото издание на фестивалот на новокомпонирани народни песни ,,Фолк фест Владимирово” кој во четвртокот се одржа во салата ,,Ванчо Чавдарски”, а зад кој стои Културниот центар ,,Горан Алачки” се изведоа 12 композиции, а на сцената се појавија доајените на македонската фолк песна.
Пренос од фестивалот вршеше МРТ1, а изненадување за публиката беше тоа што не се случи планираниот настап на Виданка Георгиевска, која требаше да ја отпее песната ,,Наша Македонија”.
Како што кажа на сцената водителката Ели Танаскова, Виданка нема да може да настапи, па поради тоа сите останати учесници, на крајот на настанот излегоа заедно на сцената и ја отпеаа нејзината фестивалска песна пред преполната сала.
Во еден глас пееа Драган Мијалковски, Наум Петрески, Круме Спасовски, Горан Кукиќ, Благоја Грујовски, Ванчо Тарабунов, Нино Величковски, Перо Христов, Горан Кукиќ…
Учесничките Зуица Лазова, Жаклина Узунова и Ленче Кукиќ пак, додека ја изведуваа песната на Виданка се прегрнаа на сцената и така прегрнати настапуваа.
Околу тоа што всушност се случило и зошто Виданка не се појавила на фестивалот, за ,,Фокус” раскажаа нејзини колеги. Како што велат, сите биле затекнати од веста дека починал синот на Виданка, и сите сочувствувале со нејзината ненадоместива загуба.
-Требаше да настапи и Виданка на фестивалот, сите се радувавме на можноста заедно да бидеме дел од првото издание на еден така значаен настан за нашата народна музика. Но, и се случи голема трагедија, и почина синот…
Затоа, решивме сите интерпретатори заедно да ја отпееме нејзината песна, ни раскажаа учесници на ,,Владимирово 2025”.
Инаку, Виданка (77), е присутна на сцената уште од далечните шеесети години на минатиот век. Пее народни, но и новосоздадени македонски песни. Зад себе има бројни турнеји кај нашата дијаспора, како и над десет музички албуми.
Нејзините песни ,,Кирјана вино продава”, ,,Многу мерак имам бабо”, ,,Јоване море Јоване” и други се пеат со децении наназад и се прифатени од јавноста како народни песни.
Вики Клинчарова