На свои 40 години Ангела ќе биде слободна жена и ќе продолжи како ништо да не се случило, законите мора да се менуваат- апелира мајката на Пино

by fokus

Ангела сега има 22 години. По завршувањето на затворската казна, таа на 40 години ќе излезе од затвор и ќе си го продолжи животот како слободен човек. Веројатно ќе си оформи семејство, ќе добие деца… Ќе продолжи таму каде што застанала. Ќе живее, ќе се смее, ќе го гледа сонцето, месечината… Пино ништо од тоа нема да види, никогаш. Нема ниту ние да го видиме, никогаш. Неговите деца нема да се родат, јас моето дете нема да го прегрнам никогаш, оти така сакале и одлучиле Ангела и убиецот Фуркан – потресено, во телефонски разговор за ,,Фокус,” раскажува Маја Трпковска, мајката на Пино Секондо, 26-годишното момче кое беше убиено во декември 2018 година.

Денес скопјанката Ангела Ѓорѓиевска беше осудена на 19 години затвор за помагање во неговото убиство.
Али Фуркан кој со пушка го застрелал во главата Пино, а потоа со Ѓорѓиевска заедно го закопале во атарот на Љуботен, е во бегство.

Мајката не ја слушна пресудата лично, бидејќи веќе два дена е во Италија, во домашна изолација. Ја известил адвокатот. Вели дека со сопругот, кој има здравствени проблеми, се уште се во шок, бидејќи очекувале поголема казна.

Во текот на судскиот процес, таа бараше казна доживотен затвор за убијците на нејзиното дете.

-На мојот сопруг, кој воопшто не е добар со здравјето, кога слушна дека Ангела добила 19 години, му се слоши. Јас целата треперам, на помалиот син уште ништо не сме му кажале, барам зборови за да му соопштам, добро е тоа што тој не користи социјални мрежи и уште ништо не знае.

Очекувавме, ако веќе зборуваме за правда, доживотен затвор. Не може да одземеш нечиј живот, да си го дозволиш тоа право, и да поминеш вака… Ова е само еден лош пример, еден вид на поттик на потенцијалните убијци, на криминалците… Зошто нема доживотна казна за вакво дело? Зошто не се менуваат законите во Македонија, зошто ова не се искористи како пример за другите, за во иднина некој добро да размисли пред да крене рака, пред да одземе нечиј живот?- прашува Маја.

Уште од самиот ден кога исчезна нејзиниот син од домот во Скопје, таа неуморно се бореше за негово пронаоѓање, излегуваше во јавност, бараше одговори од надлежните служби, организираше протести со родители чии деца исто така исчезнале без траг.

-Немојте мајки кои сте изгубиле дете да ја наведнете главата! Апелирам до жените во Македонија, да си го кренат гласот, носењето на црнина и одењето на гробишта не прави ништо за вашите деца. Мора да се борите, да зборувате, нешто мора да се смени, да се работи на измена на законите, да се даваат казни како во развиените земји, посебно кога се работи за убиство! Во нашиот случај, Ангела не покажа ниту жал, ниту се покаја. Тоа и судиите го увидоа. Дури и нејзиниот татко ми рече пред нив дека јас од него сочувство никогаш нема да добијам! Има луѓе кои се, ете такви родени. Има и луѓе кои да видат прегазено маче на патот ќе се потресат. Во името на сите родители кои изгубиле дете, а виновниците поминале со лесна казна, апелирам, променете ги законите!- вели Трпковска.

Додава дека поради состојбата со пандемијата морала пред два дена да се врати во Италија, следејќи ги препораките на тамошните власти. За доаѓање назад во Македонија, вели дека ниту таа, ниту пак нејзиниот сопруг, Италијанец, и помалиот син помислуваат.

-За време на судските рочишта, со огромни сили гледав во Ангела и го стегнав мајчинското срце. Морав да издржам поради Пино. Дојде ред, таа да ми каже дека ќе бара морална оштета од мене, пари, бидејќи на социјалните мрежи сум ја нарекувала со погрдни имиња. Самото тоа зборува доволно за неа, за тоа како таа гледа на целата оваа трагедија, за тоа каков човек е. Му реков тогаш на адвокатот, како што одат работите, ќе излезе на крај дека ние сме виновниците, а убијците се оштетените… И така гледам на нештата, ќе поминат тие години во затвор, таа ќе излезе на слобода, ќе продолжи да си го живее животот, без каење, без грижа на совест… Само за Пино животот заврши. Затоа, мора да се дава казната доживотен затвор, не дека тоа е правда за оние кои изгубиле дете, туку еден вид на утеха, ако може и така да се нарече – со растреперен глас раскажува мајката.

Вели дека самата помисла, луѓе кои ладнокрвно убиле, кои свесно одзеле човечки живот, а потоа продолжиле како ништо да не се случило, еден ден да шетаат слободно помеѓу народ, за неа е застрашувачка.

-Еднаш убиец, зошто да не и повторно? Кој би гарантирал? Таа еден ден ќе се движи слободно помеѓу луѓе, помеѓу деца… Знам дека не сум првата мајка која изгубила дете. Би сакала да можам да кажам дека ќе бидам последна, посебно на ваков начин… Ама дајте луѓе, надлежни институции, политичари, променете ги законите! Родители кои секој ден сте на гробовите на вашите деца, борете се за промена, тие кои свесно одзеле живот, да добијат доживотна затворска казна – апелира мајката која ќе остане запаметена во јавноста по својата борба и упорност додека се трагаше по нејзиниот син.
За цело време, таа повторуваше дека нешто му се случило на Пино и како тој самоволно никогаш не би заминал без да го извести семејството. И луѓе кои што го познаваа, негови пријатели и колеги, уште во времето на неговото исчезнување за ,,Фокус,, раскажуваа дека се во шок, дека се сигурни како нешто лошо му се случило, бидејќи бил одговорен млад човек, весело и отворено момче, приврзано со семејството.
Поради тоа што живееа на релација Македонија – Италија, случајот ја вознемири и јавноста во Италија.

Како потсетување, Пино исчезна од нивниот дом во Скопје во декември 2018 година, и по него се трагаше со месеци. Неговото тело беше случајно пронајдено на 29-ти април 2019 година, од минувач на местото викано Башинец во атарот на село Љуботен.

Според ОЈО, на 11.12.2018 година, обвинетата Ѓорѓиевска го повикала оштетениот, сега починатиот Пинета Секондо Пино, и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат Али Фуркан со возило Опел Аскона, носејќи со себе огнено оружје – пушка. Тој го оставил неговото возило на насипот и седнал да управува со автомобилот Шкода со кое до насипот дошол оштетениот. На совозачкото место седнала Ангела, додека Пино седнал на задното седиште.

Тројцата се упатиле по обиколница кон атарот на селото Арачиново и во една нива започнале најпрвин вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент Фуркан со пушката го застрелал во главата оштетениот Пинета Секондо.

Притоа, Ангела дала особен придонес кон извршување на делото, така што овозможила да се сретнат, иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост. Таа го повикала оштетениот, била присутна во моментот на неговото лишување од живот, а потоа заедно со Фуркан го ставиле телото на починатиот во багажникот на возилото. Заедно тие се упатиле кон гробиштата во селото Сингелиќ, а потоа се движеле низ планината кон Љуботен. На едно место здогледале дупка, па Ангела и Фуркан го оставиле телото во дупката, покривајќи го со ќебе.

Вики Клинчарова

Поврзани новости