Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Денес е 7 април, Светски ден на здравјето. Имејлот утринава ми беше затрупан со покани, каде и во колку часот ќе се одржат свечени настани по повод овој ден, а каде како почесен гостин секаде ќе биде министерот за здравство Никола Тодоров. Знаејќи колку е хиперактивен првиот човек во здравството, не се сомневам дека ќе успее да стигне секаде, особено кога треба да го сликаат или снимаат. А, најважно од сѐ е дека ќе има можност да се пофали за сите „дела“ , проекти и реформи што ги направил во здравството, откако веќе четврта година по ред седи во министерската фотелја.

СИТЕ „ДЕЛА“ НА МИНИСТЕРОТ ТОДОРОВ

Јавното здравство години наназад се соочува со многубројни проблеми, а тоа најмногу на грб го почувствуваа пациентите. Факт е дека сите министри кои раководеа со овој сектор досега, не направија некои значајни промени. И, тие излегуваа на пресови, промовираа проекти, се сликаа, но тоа го правеа еднаш, максимум двапати неделно. Тодоров има пресови секој ден, па дури и за викенд. Тој во два изборни циклуси ја доби довербата да управува со оваа институција. Така, почна големиот „реформаторски“ подвиг во здравството на Тодоров, кој меѓу своите сопартијци е познат како Нино.

Во првиот момент кога седна на министерската фотелја, тој веднаш почна да прави упад во скопските клиники и болниците низ земјава. Ненајавен, во доцните часови со инспекции и со камери ловеше лекари и медицински сестри, кои спијат и пушат цигари, но не куртулија и бубашвабите. Сите добиваа казни, некои беа суспендирани од работното место, додека други добиваа намалување на платите. Така, Тодоров ја почна својата кариера во јавното здравство, а честопати ја имаше и улогата на инспектор, директор, па дури и судија. Тој ќе остане запаметен како првиот министер, кој со судска пресуда забранил штрајк на лекари.

Во многуте негови „дела“ влегуваат пациенти кои починаа чекајќи да дојде Брза Помош, пациенти кои починаа во кругот на скопските клиники бидејќи лекарите ги немале основните материјали за работа, инфузии и гази, а пред неколку години, на пациент му пукна чир и животот му беше ставен на коцка, затоа што во Штипската клиничка болница немаа сонда, која чини само 15 денари. А, да не зборуваме за бебињата и родилките, чија смртност од 2010 година наваму е зголемена и најчесто умираат поради болнички инфекции и тоа во новата зграда на скопската Клиника за гинекологија. Да не заборавиме и на очната лекарка, која според обвинувањата, го оштети видот на повеќе од 50 пациенти, а сега како награда доби обука во Турција за доусовршување на методата. Ги добива дури и судските процеси во кои што е обвинета и се тоа поради името и презимето. За секој од тие случаи беше формирана Комисија за стручен надзор, но ретко која од нив излезе со информации – што точно се случило?

Тодоров се пофали и со реконструкција на повеќето болници, ама сликата на терен изгледа поинаку. Распаднати врати и кревети, скршени прозори, крвави и нечисти чаршави, кои мирисаат на километар, бубашваби, нестерелизирани инструменти…..Во целосен распад се и болниците низ другите градови во земјава, низ Прилепската болница шетаат кучиња и мачиња, немаат никакви материјали за работа, хигиената е на нула, врие од болнички инфекции, па за пациентите е поопасно да се лекуваат таму, отколку дома. На исто ниво се и Гостиварската, Кочанската, Битолската и Штипската клиничка болница. Пациентите се приморани сами да си купуваат терапија и лекови, иако редовно плаќаат здравствено осигурување, а во моментот Клиниката за онкологија не располага со никакви цитостатици.

Долга е листата на министерот со промовирани проекти, но досега на дело не видовме ништо. Се промовираше изградба на нов Клинички центар, но се уште не е удрен камен-темелник, веќе три години по ред избира советници со IQ 140, но очигледно од пријавените кандидати никој не ги здоволува неговите критериуми. Проекти многу, дела малку.

Пред да го завршиме текстот, мора да споменеме дека пред неколку месеци, Тодоров лично нагласи дека 9-годишната Тамара Димовска од Велес ќе се лекува на државна сметка во странство. Тоа не го испочитува, девојчето почина, а тој се уште е министер. Не чувствувал морална одговорност, за да си поднесе оставка. Тука се и сите партиски војници – лекари, кои повеќе бистрат политика, отколку што ги лекуваат пациентите. Сите тие се членови на различни комисии, земаат пари од секаде и ги кројат судбините на многу пациенти, ама не по Хипократова заклетва, туку по партиска.

Ова не е измислената болница „Принстон – Плејсборо“ во Њу Џерси, под раководната палка на необичниот медицински генијалец, доктор Хаус, кој води тим на дијагностичари, но, сепак, се болници од која треба да излегуваат здрави, а не болни пациенти! Иако, името на доктор Хаус доста се поистоветува со моменталната ситуација во јавното здравство. Министере, време е за оставка.

 

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.