На состанокот кај Рибарев судијката Петровска се чудела како е можно три предмети на СЈО да се паднат кај неа

by fokus

Пред околу половина час заврши состанокот на в.д. претседателот на Кривичниот суд Стојанче Рибарев и судиите од овој суд, на кој Рибарев ги информираше за актуелните случувања околу предистражната постапка на СЈО за судијата Владимир Панчевски.

Како што неофицијално не информираа неколкумина судии, кои биле дел од состанокот, Рибарев хронолошки ги запознал со активностите на СЈО во судот, и за контролата на АКМИС системот која ја прави комисија од Министерството за правда. Претседателот истакнал дека судот соработувал со обвинителите од СЈО, односно им овозможил пристап до канцеларијата на Панчевски и можност да ги подигнат сите материјали кои им се потребни за отворената предистражна постапка.

Како што посочуваат нашите соговорници, детали за истрагата не дознале, бидејќи им било кажано веќе она што им било познато, односно се зборувало за сето она што медиумите веќе го објавија.

-Сега сите, на чело со в.д. претседателот Рибарев се залагаат за правна држава и за соработка за СЈО, но прашањето е каде беа досега, вели нашиот соговорник судија.

Тој додава дека во еден момент на состанокот збор земала и судијката Лидија Петровска, која пред сите колеги се пожалила дека и неа и било чудно како можеле три, од четири предмети на СЈО, да и се паднат за работа.

-Колешката глумеше изненаденост, но прашањето е каде беше досега да коментира или да се пожали дека е речиси неверојатно АКМИС системот во три наврати токму неа да ја одбере да постапува, вели револтирано нашиот соговорник.

Кај судијката Петровска се распоредени случаите „Тврдина 2“, „Транспортер“, а од неодамна и падна и случајот „Триста“, а четвртиот предмет на СЈО, насилството во општина Центар“ го доби нејзината колешка Татјана Михајлова. Во одделението за Организиран криминал, од кој што дел се двете судијки, судат вкупно осум судии.

Името на судијката Петровска стана познато во јавноста откако беше објавен телефонскиот разговор на судијката Сафија Лаличиќ и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, во кој се тврди дека Петровска местото го добила со купување подароци од брендот „сваровски“ за претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова. Набрзо по објавување на „бомбата“, Неделкова тврдеше  дека таа не добивала подароци од никого, најмалку Сваровски кристали, велејќи „повеќе сум љубител на бисери, отколку на Сваровски“.

За шпекулацијата, пак, дека наводно Панчевски имал часовник со кој ги снимал судиите, не станало збор, па како што вели судијата, тоа засега се муабети на рекла- казала.

-Наеднаш сите се фини, сите соработуваат. Каде беа до сега и зошто молчеа, коментираат дел од судиите кои биле на состанокот.

Од СЈО најавија дека наскоро ќе излезат со официјални информации за случајот со Панчевски, кој се сомничи за злоупотреба на АКМИС системот кој се користи за компјутерско распоредување на случаи и оддавање службена тајна.

Валентина Вурмо

Поврзани новости