Поголема проактивност во вршењето на функцијата, доколку биде избрана за претседател на државата, најавува кандидатката Гордана Силјановска-Давкова, која ја има поддршката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за МИА. Ако биде претседател при употребата на ветото за одреден закон, таа својата постапка ќе ја образложува пред пратениците, со цел, како што вели, да се зајакне демократијата, но истакнува дека нема да го избегнува потпишувањето на законите заради името Република Северна Македонија.
За неа Договорот од Преспа е асиметричен, решението е неодржливо, но напоменува дека новото име не само што е реален, туку е и правен факт и оти доколку таа дојде на функцијата не значи дека веднаш ќе се стави во акција да го тргне. Не се сомнева дека грчката опозиција еден ден ќе го прифати Договорот од Преспа, за македонската не даде одговор.
-Видете, името е правен факт, не само реален, новото име и јас ќе потпишувам. Едно е што ќе потпишувам, тоа е тоа што го усвоиле преку кршење на домашното и меѓународното право, а друго е јас што ќе правам лично, вели Силјановска.
Таа најавува дека ќе кохабитира со власта, вели таа знае како се гради компромис, но додава и дека ќе опстојува и на своите ставови за одредени прашања. Верува дека Македонија ќе влезе во НАТО по Преспанскиот договор, но смета дека тој е повеќе плод на геостратешка политика, отколку вистинско решавање на спорот меѓу двете земји. Влезот во ЕУ, според Силјановска-Давкова, е малку потежок поради реформите што се потребни на тој пат, а смета дека реформи досега не се направени, освен што изминатиот период било решено името.
Останува на концептот за непосреден избор на претседател, но се залага за укинување на цензусот, за кој вели дека е непотребен со оглед на церемонијалната улога на шефот на државата, но, сепак, очекува на овие избори дека цензусот ќе биде исполнет.
-Да, јас очекувам цензус. Мислам дека е важно да се излезе на овие избори, за да се делигитимира власта. Таа е делигитимирана уште по неуспешниот референдум, бидејќи сè што следуваше по референдумот не е врзано за изворот на суверенитетот, граѓаните, но ова би значело потврда на тоа и би довело до потреба од предвремени парламентарни избори. Велите што би направила, многу нешта би направила. Накусо, прво претседателот има овластувања во надворешната политика, тоа е поделена надлежност со МНР. Сметам дека кохабитацијата е многу важна, а ако јас победам тоа ќе се случи, кохабитацијата не е болест, туку е здрава можност, здрава вежба на консензус на државнички однос за прашања од национален интерес, но во оваа сфера сум имала и имам големи забелешки за дипломатите, за оние кои се нашиот лик во европското и меѓународното огледало. Мислам дека дипломатите треба да бидат исклучително квалификувани, исклучително одговорни, затоа што претставата за Македонија, првата и најважната, ја даваат тие. Да потсетам кои сè луѓе беа во дипломатијата, не само што не ја претставуваат Македонија таква каква што е, туку ја прикажуваат во уште полошо светло. Логично е да може да се отповика некој што не ја претставува земјата како што треба, вели Силјановска.
Инсистира на повеќе жени во политиката, а зошто таа, а не Река и Пендаровски за претседател, вели дека таа е златната средина во општеството и нејзиниот избор би бил предизвик, бидејќи жените поинаку им пристапуваат на работите и жените не лажат.