На сила уредбите за помош на приватниот сектор со минимална плата или субвенции на придонеси

by fokus

Стапуваат во сила уредбите на Владата со кои се овозможува директна финансиска помош со исплата на плата од 14.500 денари за април и мај, мерка со која може да бидат опфатени околу 250 илјади вработени и 35 илјади компании, дел од вториот пакет за помош од Владата.

Алтернатива на оваа мерка е покривање на 50 отсто од придонесите за вработените. Со неа се очекува да бидат опфатени околу 20 проценти од осигурениците и за субвенционирање на нивните придонеси за двата месеца се потребни 568.690.000 денари. Минимална плата од 14.500 денари добиваат и занаетчиите, за кои испатата ќе се врши преку трансакциска сметка.

-Со овие мерки државата ги спасува работните места на граѓаните. Донесовме уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид – 19 со што и практично стапуваат на сила сите одредби за сеопфатна директна финансиска поддршка на работодавачите со средства кои се наменети за зачувување на работните места и за помош на работниците, рече вчера на прес-конференција премиерот Оливер Спасовски.

Тој тврди дека нема драстични отпуштања од работа, а на работниците им порача дека државата помага да се зачуваат нивните ратни места но и тие треба да се вклучат во тоа и да не потпишуваат спогодбени откази.

Воедно, работодавачите да покажат солидарност и да понесат дел од товарот затоа што и после кризата сите заедно треба да ја продолжат економската активност на државата. Наместо секој да калкулира и да гледа да добие нешто од кризата, треба да настапува обратно да знае дека нешто мора и да се изгуби, укажа Спасовски, порачувајќи им и на банките дека Владата очекува да бидат солидарни не гледајќи го само својот интерес и профит при промената на условите за кредитите на граѓаните и фирмите.

Поврзани новости